Обвинителка во американската сојузна држава Њу Мексико во четвртокот подигна обвинение против холивудскиот актер Алек Болдвин за убиството на снимателката Халина Хатчинс во текот на снимањето на вестерн филмот „Rust“.
Окружната обвинителка Мери Кормак-Олтвајс ги објави обвиненијата за убиство од небрежност против Болдвин и оружарот на филмот, една година по почетокот на истрагата за пукањето во октомври 2021 година на филмскиот сет во близина на Санта Фет.
Помошникот на режисерот Дејвид Халс потпишал договор за признавање на вината за обвинението за несовесно користење на смртоносно оружје, објави обвинителката.
„По темелното прегледување на доказите и законот на државата Њу Мексико, утврдив дека постојат доволно докази за подигнување кривична пријава против Алек Болдвин и други членови од филмската екипа на ‘Rust’“, изјави обвинителката Кормак-Отлвајс.
Според законот на Њу Мексико, убиството од небрежност е кривично дело од четврт степен што се казнува до 18 месеци затвор и парична казна од 5.000 долари.
Хатчинс беше убиена кога пиштолот со кој Болдвин увежбувал сцена за двобој во текот на снимањето на сетот кај Санта Фе ненадејно истрелал вистински боев куршум кој ја погодил неа и режисерот Џоел Соуза, кој беше тешко ранет но преживеа.
Истрагата на локалната канцеларија на шерифот е насочена на тоа како вистински куршуми се нашле на филмскиот сет и како со нив било наполнето огненото оружје.
Болдвин, кој е продуцент на филмот, ја отфрли одговорноста за убиството на Хатчинс и изјави дека на филмскиот сет никогаш не смееле да дозволат да се најде боева муниција. Актерот изјави дека му било кажано дека пиштолот е „ладен“, израз кој на филмските сетови значи дека оружјето е безбедно за користење.
Агенцијата за безбедност на работниците на државата Њу Мексико во април ја казни филмската продуцентска куќа со најголемата можна сума за она што го опиша како „намерни“ безбедносни пропусти кои довеле до смртта на Хатчинс.
Агенцијата откри дека продуцентската куќа „Rust Move Productions LLC“ знаеле дека безбедносните процедури за огненото оружје не се почитуваат и покажале „чиста рамнодушност“ во однос на опасностите.