Појасот Газа е под целосна опсада од Израел по најголемиот напад извршен досега од страна на Хамас врз израелската држава. Израелската армија мобилизираше 300.000 резервисти, оклопни единици се собираат на границата со појасот, додека авијацијата изминативе постојано бомбардира цели во Газа, откако владата објави војна и даде зелено светло за превземање значителни воени чекори како одговор на Хамас, пренесе Телма.

„Нашата задача е да се осигуриме дека после завршувањето на оваа војна, Хамас повеќе нема да има воени способности со кои ќе им се заканува на израелските цивили. Дополнително на тоа, треба да се осигуриме дека Хамас повеќе нема да биде во можност да управува со Појасот Газа. Затоа што гледате дека денеска ситуацијата е фундаментално различна во споредба со пред две дена, и по крајот на оваа војна ние ќе ја промениме кон подобро ситуацијата околу нашата граница со Газа, и ќе биде многу подобро за израелските цивили, а ќе биде подобро и за Палестинците исто така.“, изјави Џонатан Конрикус – Портпарол на Израелските одбанбени сили

Израел ја исклучи струјата во појасот, комплетно ја запре испораката на храна и гориво, а го прекина и дотурот на вода.

„Воведуваме комплетна опсада врз Газа, нема да има струја, храна, вода, гориво, се ќе биде затоврено. Се бориме против животни во човечки облик, и постапуваме соодветно.“, изјави Јоав Галант – Министер за одбрана на Израел

Палестинските власти соопштуваат дека во израелските воздушни напади во Газа до сега загинале повеќе 500 цивили а бројот на ранети се брои во илјадници.

„Има значителна пренатрупаност во сите болници во Појасот Газа поради големиот број на жртви кои доаѓаат од сите места бомбардирани во Газа, дополнително на сѐ поголемиот број на загинати во болниците. Веќе имаме пренатрупаност и во мртовечниците.“, изјави Ашраф ал Кедра – портпарол на палестинското Министерство за здравство

Во меѓувреме, сирени за воздушни напади се слушаат ширум Израел, додека Хамас протолжува да испалува ракети од Газа. Владата на Фатах во Западниот Брег, која иако и самата не е во добри односи со Хамас, посочи дека Палестинците имаат право да се бранат, и го обвини Израел за досега невидената ексалација на насилството.

„Овие настани и нивните последици се резултат на политиката на израелската влада за практикување на најлошите форми на агресија, убиства, конфискација на земја, напади врз свети места, и тероризмот и грозоморните практики на доселениците. Агресијата и мерките за безбедност не можат да донесат мир за Израел или спокојство за Израелците.“, изјави Мохамед Штајех – Палестински премиер

По 48 часа израелската армија ги ликвидираше сите инфилтрирани борци на Хамас, и Израел повторно има комплетна контрола над својата територија. Според нивните проценки околу 1.000 борци на Хамас успеале да го пробијат одбранбениот периметар околу Газа, но не ја исклучува можноста од нови преминувања долж границата.

Бројот на жртви во Израел достигна 700, од кои дури 260 се млади Израелци убиени во нападот врз местото каде што се одржуваше музичкиот фестивал во пустината Негев, во близина на границата со појасот. Дополнително, засега е потврдено дека најмалку 100 лица биле киднапирани од израелските градови во близина на границата со Газа, а се претпоставува дека најголемиот дел од нив се одведени токму во појасот. Исто така е потврдено дека меѓу киднапираните, како и меѓу загинатите, има и странски државјани.

Во поддршка на Израел, САД го испратија најмодерниот носач на авиони У.С.С Џералд Форд во источниот Медитеран, пратен од еден крузер и 4 разурнувачи со наредба да бидат подготвени и да одговорат на секое можно сценарио, од спречување на достава на оружје на Хамас во Појасот Газа, до спречување на проширување на конфликтот со соседните држави.