Франција не се обврзува со временска рамка за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. Ќе се залага за потврдување на европската перспектива на Западен Балкан, но приоритет ќе имаат темите како ковид кризата, миграцијата, здравствените ризици.
Разбирливо е што овде во Македонија се зборува само за членство, но Унијата се соочува со големи предизвици, рече францускиот амбасадор при претставувањето на приоритетите во Собранието. За проширувањето одвои две од триесет минутното излагање, со порака дека нема утврден рок за ЕУ напредок за Македонија.
“Тој рок зависи од меѓувладината конференција која ќе го означи почетокот на преговорите. Во овој момент невозможно е да се утврди точен датум. Јасно е дека постојано ќе ја придружуваме земјата заедно со трите други засегнати институции, за да може работите да напредуваат во добра насока, за да можеме колку што е можно побрзо да видиме напредок кој го очекуваме сите”, изјави Сирил Бомгартнер – Амбасадор на Франција.
Потврда за посветеноста на Франција кон регионот треба да биде Самитот ЕУ – Западен Балкан кој Франција планира да го организира во јуни.
Своја порака до Унијата имаше и вицепремиерот за европски прашања, за кого нема да има место во идната Влада.
“Ние сме во ситуација на заеднички успех или заеднички неуспех. Македонскиот случај е најубедлив и најдрастичен тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западен Балкан. Тоа го кажа и самата комисија во пакетот за проширување во октомври”.
За шефот на ЕУ делегацијата во земјава Дејвид Гир, најважни се реформите на домашен план и напредокот во преговорите со Бугарија, а на француска помош за почеток на преговорите повикаа и дел од останатите членови на Советот за евроинтеграции.