Сепак тој додаде дека ЕУ првенствено ќе се обиде да спречи ескалација на тензиите меѓу двете земји.

– Секоја агресија против Украина нема да помине без политички последици и високи економски трошоци за Русија, изјави Борел пред европратениците.

Украина, Европската унија и САД со недели ја обвинуваат Русија за планирање напад врз Украина, иако Кремљ демантира.

– Русија од ноември на необичен начин трупа војници и оружје долж границата со Украина. Украина е наш стратешки партнер и, се разбира, ние сме загрижени поради распоредувањето на руските сили, рече Борел. Тој ја повтори „непоколебливата поддршка“ на Унијата за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Тој најави нов финансиски инструмент за обезбедување санитетска и логистичка поддршка на Украина за „јакнење на нејзината отпорност“, кој не вклучува оружје.

Според НАТО, Русија распоредила меѓу 75.000 и 100.000 војници, а Западот стравува дека тоа ќе значи повторување на 2014 година, кога Русија го анектираше полуостровот Крим. Истата година, проруските сепаратисти окупираа дел од источна Украина, регионите Доњецк и Луганск. Повеќе од 13.000 луѓе се убиени во судирите кои траат веќе седум години.

Борел ја повика Русија да се врати на преговарачка маса со посредство на Франција и Германија. Тој нагласи дека ЕУ „не сака да придонесе за каква било ескалација“ и додаде дека „треба да се очекува најдоброто, а да се подготвиме за најлошото“.

Кремљ негира дека подготвува инвазија на Украина и тврди дека трупањето на руски војници долж границата со таа земја е исклучиво од одбранбен карактер и бара безбедносни гаранции за сопствената безбедност.

Русија го повика НАТО да не распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија и се противи на евентуалното членство на Украина и Грузија во Алијансата.

Земјата, исто така, се заканува дека ќе распореди нуклеарни ракети во Европа како одговор на слични планови на НАТО, кои Алијансата ги отфрла.