Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, се придружи на повиците за хуманитарна пауза во конфликтот меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас за да добие поголема помош за Газа.

„Сега е најважно хуманитарната помош да стигне во Газа“, изјави Борел за новинарите по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Борел рече дека министрите ќе разговараат за повикот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за пауза за да се овозможи многу поголема хуманитарна помош за палестинските цивили да влезе во Газа.

„Не можам да го предвидам исходот од состанокот, но тоа е секако нешто за што министрите ќе треба да разговараат… Генералниот секретар на Обединетите нации го побара тоа“, изјави Борел.

„Јас лично сметам дека е потребна хуманитарна пауза за да се овозможи хуманитарната помош да пристигне и да се дистрибуира“, рече тој.

Сипаниците, шугата и дијареа се во пораст во Појасот Газа поради ужасните санитарни услови, соопштија во неделата Обединетите нации.

Канцеларијата на ОН за итна помош соопшти дека една од причините е тоа што луѓето мораа да користат валкана вода поради недостаток на вода за пиење.

ОН предупредуваат дека бројот на заболени ќе се зголеми доколку водоводните и санитарните објекти брзо не добијат струја или гориво за да продолжат со работа.

Во неделата околу 14 камиони со основни лекови и малку храна влегле во Газа, четири камиони биле со вода за пиење, пишува Би-би-си. Ова е втор хуманитарен конвој.

Во Газа во последните два дена влегле околу 35 камиони, а според проценките на ОН дневните потреби на жителите на Газа се 100 камиони.