Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жосеп Борел соопшти дека ги повикал српскиот претседател, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, на итна средба во Брисел со цел да се најде излез од актуелната криза, јави Мина.

Борел на Твитер напиша дека е потребна итна деескалација и нови избори на северот на Косово, со учество на припадниците на српската заедница.

„Ова е најважното нешто за регионот и ЕУ“, напиша Борел.

Вучиќ денеска изјави дека заминува на средба во Брисел, но дека нема да разговара со Курти, туку само со Борел.

Курти претходно потврди дека денеска ќе отпатува за Брисел на средбата свикана од високиот претставник на ЕУ по зголемените тензии на северот на Косово.