Македонија е добар пример за мултиетничко општество и со промена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права во земјата и не се сомневам дека со тоа ќе го зачувате македонскиот идентитет и истовремено ќе напредувате во процесот на пристапување во ЕУ, како што правевте досега, вели високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во интервју за МИА.
– Членството во ЕУ не може да биде проект на една политичка партија, туку тоа треба да биде аспирација за целата земја. Во Северна Македонија, граѓаните ја изразија својата аспирација за влез во ЕУ, бидејќи сакаат да припаѓаат на заедница на вредности и да имаат корист од отворените граници, олеснето патување, внатрешниот пазар и стандардите на ЕУ во целина. Накусо, граѓаните сакаат мир, просперитет и подобар живот во ЕУ, за нив и за нивните деца. Затоа одговорност на сите ваши политички лидери е да работат и да ја реализираат оваа цел, вели Борел.
Тој нагласува дека преговорите за членство во ЕУ се процес заснован на заслуги и дека при тоа се оценува постигнатиот напредок во исполнувањето на сите поставени критериуми и спроведувањето на стандардите на ЕУ и реформите.
– И овие реформи ќе и помогнат на Северна Македонија да ја унапреди и подобри состојбата и да ја доближи земјата до Европската Унија и стандардите на ЕУ, пред се во интерес на граѓаните на Северна Македонија. Ние ќе бидеме покрај вас и ќе го придружуваме процесот до самиот крај, додека Северна Македонија не стане полноправна земја-членка на ЕУ. Тоа е она што го сакаме и целта кон која работиме сите заедно, додава високиот претставник на ЕУ.
Борел во интервјуто признава дела земјава предолго чекаше за старт на преговорите од различни причини, но нагласува дека во исто време Северна Македонија нема подобар и попосветен партнер од ЕУ, која е најголемиот донатор, инвеститор и трговски партнер.
– Каде и да погледнете во Северна Македонија, таму веќе ќе ја најдете ЕУ, таа поддржува, помага, придонесува, финансира, советува. Членството во ЕУ значи стабилност, безбедност и просперитет. Инвестициите на ЕУ се одржливи и долгорочни, создавајќи нови работни места и можности. Нема сомнеж дека ЕУ останува партнер од најголема доверба на Северна Македонија, вели Борел.
Целото интервју на МИА