-Русија сака да разговара со земјите-членки поединечно, и само со одредени земји, со оние што се важни, рече Борел за време на пленарната сесија на Европскиот парламент.
За време на дискусијата со европратениците за односите меѓу ЕУ и Русија, тој рече дека единството во рамките на ЕУ треба да биде најголемиот адут во односите со Русија.
–Сакаат да не поделат, не им е грижа за Европската Унија, тврди тој.
Шефот на европската дипломатија смета дека состојбата на европско-руските односи е потешка од кога било и дека де факто нема вистинска комуникација, пренесуваат агенциите.
Борел посочи дека Русија е сосед на ЕУ и важен глобален актер и оцени дека е потребна нова стратегија со цел односите со таа земја да станат помалку конфликтни, попредвидливи и постабилни.
Тој додаде дека оваа стратегија не смее да подразбира откажување од поддршката за руското граѓанско општество, бидејќи, како што изјави, поддршката за демократијата е еден од главните приоритети на ЕУ.
–Не можеме да бидеме остров опкружен со автократски системи. Ние не би преживеале така, заклучи Борел.