Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека ситуацијата на Блискиот Исток е „резултат на колективен политички и морален неуспех“ поради „реалниот недостаток на волја за решавање на израелско-палестинскиот проблем“.

„Мислам дека ние Европејците имаме морална и политичка обврска да бидеме вклучени во оваа ситуација, не само со давање помош, туку и со придонес кон изнаоѓање трајно решение“, изјави Борел, пренесува лондонски „Гардијан“.

Посочувајќи на порастот на антисемитизмот и нагласувајќи дека „антисемитските и антимуслиманските чувства се целосно неприфатливи“, Борел навел дека ЕУ мора да преземе одговорност и да продолжи да одржува цврста и избалансирана позиција за да се избегне „увоз на овој конфликт во Европа“ по секоја цена.