Бугарскиот премиерот Кирил Петков наскоро нема да го посети Скопје, изјави шефицата на Кабинетот на претседателот на Владата на Бугарија, Лена Бориславова.
Наскоро нема да има посета, бидејќи немаме документ на кој можеме да работиме врз основа на Договорот за добрососедство. Така што, како што вчера потврди и македонската страна, меѓувладината конференција се одлага се додека не видиме чекори поврзани со исполнување на критериумите и разбирање, што покажуваат заштита од дискриминација на бугарското етничко малцинство – изјави Бориславова за Бугарската национална телевизија (БНТ).
Таа нагласи дека „Бугарија не бара малцинство“ во земјава, туку вклучување на Бугарите како државотворен народ во Уставот на Република Македонија, со цел „да ги имаат сите права што ги уживаат и другите народи“.
На новинарско прашање околу „очекувањата на бугарското општество Петков да потпише некаков документ со Скопје“, Бориславова изјави дека засега не се очекува нешто такво.
Прашана дали евентуална промена на ставот на бугарската Владата во однос на ветото за старт на преговорите на земјава со ЕУ, би можело да резултира со пад на Кабинетот на Петков, Бориславова изјави дека никој на кој било начин нема да преземе чекори во тој правец.
Таа потенцира дека како што неколкупати најави и самиот Петков, промена на бугарскиот став кон ветото ќе биде можна само со постигнување на широк консензус меѓу владејачката коалиција и опозицијата.