Лидерот на ГЕРБ-СДС, Бојко Борисов денеска изјави дека на Бугарија ѝ е потребна влада по секоја цена. Алијансата предводена од поранешниот премиер на Бугарија освои најмногу гласови на парламентарните избори во неделата, па тој рече дека ќе разговара со сите партии доколку бугарскиот претседател Румен Радев му го довери мандатот за формирање нова влада.
„Бугарите на овие избори рекоа дека не можат без ГЕРБ, но и дека не можат без партијата Продолжуваме со промени (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ). Нашите лични чувства не се важни“ – изјави Борисов.
Според Борисов, неопходно е да се создаде влада „колку тоа и да ги чини политичките партии“, пренесува „Ројтерс“.
Асен Василев, копретседателот на партијата ПП претходно ја отфрли можноста за коалиција со ГЕРБ. Според тоа, најверојатно се навестува продолжување на долгорочната политичка криза кај нашиот источен сосед.
За само две години, Бугарија дури петпати одржа парламентарни избори.