ЕП го усвои извештајот без „македонски јазик“ и „идентитет“
Лидерот на бугарската партија ГЕРБ, Бојко Борисов, го поздрави гласањето на Европскиот парламент за извештајот за напредокот на Северна Македонија, во кој беа избришани сите текстови поврзани со „македонскиот јазик“ и „македонскиот идентитет“. Тој ја искористи приликата да испрати порака до Скопје.
„Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме напред заедно, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во мене и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер“, изјави Борисов, според информациите на БГНЕС.
Борисов: „Гласот на Бугарија беше слушнат“
Борисов истакна дека во последниот период интензивно разговарал со европски лидери и претставници на големите политички семејства во Европската Унија.
„Во последните недели одржав голем број разговори со европски лидери и претставници на водечки политички семејства во ЕУ. Јасно објаснив дека европските документи не треба да се користат за националистичка пропаганда, туку треба да служат на вистината и добрососедството. Драго ми е што гласот на Бугарија беше слушнат“, рече тој.
Дополнително, тој нагласи дека единството на бугарската политичка сцена било клучно за овој резултат.
„Ова е јасен знак дека кога Бугарија е обединета – кога сите наши европратеници, институции и политички сили дејствуваат заедно – можеме да постигнеме резултати и да го браниме националниот интерес на највисоко ниво во Европа! Посебна благодарност до Андреј Ковачев и нашето семејство – Европската народна партија!“, додаде Борисов.
Вајц: „Некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели“
Известувачот на ЕП за Северна Македонија, Томас Вајц, изрази жалење поради внатрешнополитичката употреба на извештајот од страна на дел од бугарските претставници:
„За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели“, напиша Вајц, по усвојувањето на извештајот.
Во меѓувреме, прес-конференција одржа и првиот човек на македонската влада.
Мицокоски денешното гласање го оцени како срамно.
- Ќе остане запишано дека денеска е изгласан срамен амандман во Европскиот парламент, заклучи тој.