Како бомба одекна веста на 11 јули 2018 година под сомнение за шверц на цигари уапсен е тогаш актуелниот градоначалник на општината Ново Село, Боро Стојчев.
Тој беше приведен заедно со неговата сопруга, син и уште едно лице, а при акцијата полициските службеници биле принудени два пати да испукаат предупредувачки куршуми поради обид за бегство.
Акцијата тогаш беше спроведена во близина на селото Бадилен, кога полицијата запрела две моторни возила натоварени со кутии цигари.
-„Во едно возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со по 49 штеки цигари. Тоа било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С. од село Ново Коњарево. Во другото возило, управувано од Г.С. (24) со совозач С.В (26) од истото село, биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии. При преземањето на потребните мерки и дејствија, од слобода е лишено и лицето М.Т (52) од село Самоилово, кој управувал мотоцикл ‘хамачи‘ без регистарски таблици“, информираше тогаш СВР Струмица.
Денеска повторно Стојчев е уапсен, овој пати за организирање, набавка и продажна на марихуана. Во акцијата на МВР која ја воделе три сектори и единици, уапсени се уште девет други луѓе од Струмица, Струга, Гевгелија и Битола.
На функцијата градоначалник на Ново Село беше само една година и два месеци, од октомври 2017 до декември 2018. Поради притисоци за шверцот на цигари беше принуден да си даде неотповиклива оставка.
Беше осуден на 18 месеци затворска казна која подоцна беше намалена на половина година.
Како „награда“, во 2020 фирмата ЕКО- ЕНЕРЏИ КОСМОС, управувана од синот на Боро Стојчев, Виктор Стојчев доби лиценца за одгледување канабис од Министерството за здравство, односно од Владата.
Тотал Инженеринг Струмица“, градежната фирма на бизнисменот Вице Заев, во 2023 станала нов сопственик на Бојана БС Панел, претпријатие дотогаш во сопственост на Боро Стојчев.
Во сопственичката структура на ЦБД МЕДПЛАНТ од Борисово основана 2018 исто така бил Перо Стојчев. Фирмата во моментов има сложена сопственичка структура со Фирма и сопственици од Швајцарија и Македонија.
Фирмата ЕКО EНЕРЏИ-КОСМОС ДООС.ЗУБОВО НОВО СЕЛО е основана од Славица Трајковска во 2019 година (веднаш по пуштањето од затвор на Боро Стојчев). Првично дејноста била производство на електрична енергија, а управител е Боро Стојчев.
Во 2020 година во сопствеништвото на фирмата влегува и Димитар Борисов Стаменов од Бугарија, Петрич. Во 2021 има повторно промена на сопствеништвото кога влегуваат Виктор Стојчев, Перо Стојчев, и Славица Трајковска.
На почетокот на оваа година за фирмата е отворена стечајна постапка со стечаен управник Зоран Денковски од Куманово. Управител на фирмата во моментов е Александар Пандев. Во 2020 година фирмата ја менува дејноста за одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија за употреба во фармацијата, кога ја добива лиценцата за одгледување на канабис.