Секое планирање во енергетиката мора да биде долгорочно и стратешко, порача министерката за енергетика Сања Божиновска во синоќешното гостување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма. Таа нагласи дека енергетиката не смее да се третира како сектор за кој се одлучува од денес за утре. Туку мора да се води со визија и конзистентна стратегија.

Министерката посочи дека новиот Закон за енергетика е клучен чекор кон модерна, зелена и европска Македонија. Законот предвидува низа измени со кои, како што рече, ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните. Ќе се воведат механизми за заштита на ранливите категории. Со ова, според Божиновска, се создава праведна рамка во која сите ќе имаат пристап до сигурно и достапно снабдување со енергија.

Говорејќи за економската состојба на ЕСМ, таа истакна дека компанијата моментално работи со загуби, бидејќи продажната цена на електричната енергија е пониска од производствената. Сепак, изрази уверување дека со рационално и домаќинско управување, можен е пресврт.

„ЕСМ е столб на нашата енергетика. Ќе се фокусираме на инвестиции во нови обновливи извори на енергија, а не само на РЕК. Со тоа ќе го зголемиме производството и ќе ја намалиме цената за граѓаните“, изјави Божиновска.

Таа подвлече дека новата енергетска стратегија е насочена кон одржливост, диверзификација на изворите и приоритетно зголемување на домашното производство. Ова, како што додаде, ќе ја направи Македонија помалку зависна од увоз и поотпорна на кризни шокови.

Министерката заврши со порака дека енергетиката ќе биде еден од двигателите на идниот економски развој, со нови инвестиции, технолошки напредок и зголемена енергетска безбедност.