Македонија е подготвена за нов енергетски модел – праведен, транспарентен и социјално одговорен. Ова е пораката од денешниот настан на кој беше промовиран извештајот на Центарот за развој на ОЕЦД „Цени на енергија и субвенции во Западен Балкан: Реформи за фер и зелена иднина“. На настанот  се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Извештајот е подготвен со поддршка на меѓународни партнери. Дава јасен преглед на фискалните трошоци поврзани со субвенционирањето на енергијата. Со посебен фокус на периодот на енергетската криза во 2021–2022 година.

Божиновска: Ќе се зголеми производството и ќе се намали цената

Според анализата, Македонија во периодот 2018–2023 издвојувала сериозни средства, директна поддршка за енергетскиот сектор. Најголем дел од овие средства биле наменети за амортизирање на ценовните шокови и заштита на животниот стандард на граѓаните во време на глобални кризи. Ова го истакна министерката Божиновска.

Постојниот модел на униформни субвенции често придонесува за поголем трансфер кон домаќинствата со повисока потрошувачка, наместо кон ранливите категории.

 

-Со новиот Закон за енергетика направивме клучен исчекор – преминуваме од универзална поддршка кон таргетирана социјална заштита, базирана на реалните услови на домаќинството, а не само на потрошувачката, изјавила Божиновска, најавувајќи дека во соработка со Министерството за социјална политика се воспоставува и методологија за мерење на енергетската сиромаштија.

Министерката го потенцираше  и системот на блок-тарифи што се применува од јули 2022 година, но посочи на неговите ограничувања

-Семејства со повеќе членови или лица со хронични заболувања, кои имаат реална потреба од повисока потрошувачка, се изложени на повисоки цени и покрај нивниот социјален статус, навела таа.

Во панел-дискусијата со клучни чинители од институциите, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери, биле отворени неколку  прашања. За либерализацијата на пазарот, финансирањето на енергетската транзиција и потребата од иновативни решенија и праведна распределба на јавните средства.

Законот за енергетика,  предвидува и нови механизми за заштита на ранливите потрошувачи.  Директна финансиска поддршка, забрана за исклучување од мрежа во зимски услови и субвенции за енергетска ефикасност. Дополнително, се воведува и можност секој потрошувач да го смени својот снабдувач за струја во рок од 48 часа, без трошоци, што го отвора пазарот за фер конкуренција.

-Овој закон не е само техничка регулатива – тој е одраз на нашата решеност да изградиме енергетски систем кој ќе биде економски одржлив, социјално праведен и еколошки одговорен. Нашата визија е јасна – Македонија со соларни панели на покривите, електрични возила на патиштата и стабилни сметки за струја, изјавила Божиновска, потенцирајќи дека токму извештаи како овој на ОЕЦД се алатка за подобри политики, со јасна цел – фер транзиција во која никој нема да биде изоставен.

Настанот ги обедини носителите на политики, претставници на граѓанскиот сектор и меѓународни организации во заедничка заложба за фер и зелена енергетска иднина на Македонија, стои во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Извор: Миа