Гориво има доволно, а Македонија и натаму е со најевтини цени во регионот
Снабдувањето со гориво во земјава е стабилно, а Македонија и покрај растот на цените и понатаму има најевтино гориво во регионот, уверува министерката за енергетика Сања Божиновска. Според неа, пазарните инспектори при повеќе од 300 извршени контроли утврдиле дека сите трговци располагаат со законски задолжителни петдневни оперативни резерви. Таа додава дека стабилни се и државните резерви, кои, како што беше посочено, се доволни за покривање на околу 62 дневни потреби на граѓаните и стопанството.
Очекувам во текот на денот намалување на нафтените деривати за 2,5 денари по литар, истакна Мицкоски
Механизми за заштита на граѓанскиот стандард
Божиновска посочи конкретни податоци за резервите со кои располага државата. Како што наведе, еуродизел има 138 милиони 877 илјади и 53 литри, еуросупер 95 има 32 милиони 98 илјади и 680 литри, екстралесно масло за домаќинство ЕЛ-1 има 10 милиони 772 илјади и 342 литри, додека мазут М-1 има 5 милиони 287 илјади и 794 килограми. Во однос на компанијата МАКОРА, министерката рече дека таа има обврска за набавка и дека станува збор за редовна процедура, при што дневната количина, според неа, изнесува околу 4.000.
Министерката нагласи дека, доколку глобалните притисоци продолжат, државата ќе ги искористи сите расположливи механизми за заштита на животниот стандард. Меѓу мерките што стојат на располагање, како што посочи, се намалување на акцизите за горивата до 4 денари, како и намалување на ДДВ за набавка на енергенси.
Правилникот на РКЕ не ги оштетил граѓаните, смета министерката
Божиновска смета дека граѓаните не се оштетени со измените на Правилникот на Регулаторната комисија, со кои цените на горивата се менуваат еднаш неделно, во понеделник, наместо како претходно, при секоја промена на светските берзи. Таа вели дека цените ги определува Регулаторната комисија и дека Министерството не се меша во тој процес.
Според неа, ваквиот начин на пресметување бил воведен од времето на војната во Украина, односно во 2022 година, додека претходно цените се утврдувале на неделно ниво. Божиновска посочи дека, ако се следи движењето на цените, досега имало само едно зголемување, поради што смета дека граѓаните не биле оштетени.
Цените повторно под притисок на светските берзи
Инаку, Регулаторната комисија во понеделникот ги зголеми цените на горивата во просек за 14,27 проценти. Цената на дизелот се зголеми за 14,5 денари, откако цената на барел на светските берзи надмина 100 долари.
Новите цени Регулаторната комисија треба да ги соопшти во понеделник. Сепак, дополнителна загриженост предизвикува фактот што цените на нафтата на светските берзи во последните два дена повторно се искачија над 100 долари за барел, откако претходно беше забележан значителен пад и до 85 долари за барел.
