Се разгледува опцијата хидроцентралите Чебрен и Галиште да станат државен, а не приватен проект. Оваа можност ја најави министерката за енергетика Сања Божиновска. Таа истакна дека сè уште се анализира кој модел на финансирање е најсоодветен. Посочи дека државата би сакала да го поседува проектот, но предупреди дека потребните средства – најмалку една милијарда евра – се сериозен предизвик.
„Најубаво е ние како држава да го поседуваме, но се работи за проект кој ќе биде минимум милијарда евра, што не е мала ставка. Ќе ги доформализираме проценките и во најкус рок ќе знаеме кој метод ќе го примениме понатаму. Но сакаме да биде македонски државен проект“, изјави Божиновска.
Доколку навистина се одлучи за државно финансирање, тоа ќе претставува промена на досегашната стратегија. Според која изградбата и управувањето со Чебрен и Галиште беше планирано преку приватни компании, во партнерство со државното ЕСМ. Овој проект неодамна беше презентиран како можност за странски инвестиции, особено за време на посетата на Владата во Обединетите Арапски Емирати.
Божиновска појасни дека, за разлика од претходните обиди, овој пат нема да се вклучи управување со Тиквешкото Езеро. Тоа останува под надлежност на ЕСМ, бидејќи се користи како резервоар за наводнување и водоснабдување на целиот тиквешки регион.
Министерката информираше дека веќе е формирана работна група која работи на проектот и која имала неколку состаноци. „Во ЕСМ датираат од 1962 година програмите. Има 14 неуспешни тендери зад нас и сакаме овој пат да направиме како што треба. Сè уште разгледуваме дали ќе биде само Чебрен или и Галиште, колкава ќе биде браната и колку ќе чини целиот зафат“, додаде таа.
Изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште има стратешко значење за Македонија. Покрај зголемувањето на енергетската независност преку нова инсталирана моќност од над 500 мегавати, проектот ќе овозможи и создавање на две нови акумулации, што ќе бидат важни за наводнување и како извори за вода за пиење. Божиновска изрази надеж дека, по долгогодишните неуспеси, овој пат проектот конечно ќе биде реализиран.
Извор: ТВ 21