Православните верници утре (7 јануари) ќе го прослават Божик, раѓањето на Синот Божји, Исус Христос. По тој повод архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упатија божиќна порака.
– Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Денес се случила најголемата тајна на нашата побожност – предвечниот Бог „стана човек заради човекот“ и „ се вочовечи за човекот да се обожи“.
Синот Божји, како што било претскажано, се роди во Витлеем: од ангелите беше објавен со песна за мир и добра волја меѓу луѓето, пастирите Му се поклонија, а мудреците Го даруваа. Затоа, секој Божик нè потсетува дека не сме сами и оставени и нè повикува со мислите да се пренесеме во Витлеем за да Му се поклониме на Богомладенецот, за да Му се приближиме на Бога за и Тој да ни биде близок и преку верата да се насели во нашите срца. Само доколку сме богољубиви и човекољубиви и доколку живееме по евангелските начела – секој ден ќе ни наликува на Божик и само така ќе имаме мир во себе и добра волја кон сите луѓе. Смислата на Божикното прославување е во радосната вест дека Бог од љубов се родил како човек во Личноста на Господ Исус Христос, за човековиот род и сите созданија благодатно да ги овековечи во Својата Црква. Затоа постојано да Му благодариме на Бога преку верата, љубовта и надежта, со молитви и со добри дела, знаејќи дека само со Божја помош можеме да ги надминеме сите тешкотии и сите искушенија. На овој спасоносен ден да си спомнеме и за последниве тешки години, предизвикани од пандемијата, која покажа дека човекот е премал и немоќен да ѝ се спротивстави сам. Сите неприлики и на современото човештво доаѓаат од моралната криза, од неа се раѓаат сите недоразбирања меѓу народите и од неа произлегуваат сите проблеми со кои секојдневно се сретнува и ова наше поколение. И ако годинашниов Божик го дочекуваме загрижени за здравствената состојба во светот, и за последиците од неа, да не го заборавиме ветувањето на Синот Божји дека Тој ќе биде со нас до крајот на светот, дека Божјата љубов е над сите искушенија и дека неможното за луѓето е можно за Бога.
Честитајќи ви го Божик, на сите чеда на Македонската Православна Црква, овде во Татковината и насекаде по светот, како и на сите луѓе со добра волја, ви посакуваме мир и изобилни дарови од Новородениот Богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав: Христос се роди! Честито и благословено Новото Лето Господово!, стои во божиќната порака на г.г. Стефан