Синергијата помеѓу образованието и бизнисот е една од клучните работи за да се намали миграцијата на младите.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска присуствуваше на конференција во Скопје насловена „Од Словенија до Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“ во организација на Амбасадата на Република Словенија со Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Македонската студентска организација во Словенија (МСОС).
Министерката Божиновска во својот говор истакна дека сите земји во регионот, вклучително и нашата земја се соочуваат со огромен предизвик, а тоа е миграцијата на младите.
Како нација, горди сме на талентот и потенцијалот на нашите млади, но истовремено сме длабоко загрижени од растечкиот тренд на иселување. Премногу од нашите умови решаваат да ја побараат својата иднина надвор од земјата и ова мора да се реши, потенцираше министерката Божиновска во своето обраќање.
,,Податоците се алармантни. Не сакам да зборувам за бројки бидејќи нашите идни лекари, инженери, наставници и лидери не се бројка, тие се луѓе кои заминуваат. Причините за нивното заминување се јасни: незадоволство од платите, ограничени можности и недостиг на доверба во институциите. Ова не е Македонија каква што ја посакуваме, ниту пак онаа за која сме посветени да ја изградиме” истакна Божиновска на денешната конференција што се одржа во Скопје.
Пред присутните на конференцијата министерката Божиновска истакна дека сите мора да се запрашаме како можеме да создадеме средина каде младите не само што ќе сакаат да останат, туку ќе се чувствуваат инспирирани да се вратати како да обезбедиме Македонија да понуди исти или дури и подобри можности од оние кои ги наоѓаат надвор. Ова, рече таа, е предизвик што не можеме да го решиме поединечно туку е потребна колективна акција.
,,Го кажувам ова од лично искуство. Како многу млади Македонци, и јас ја напуштив земјата за да студирам и работам во странство. Можностите за развој и напредок беа многубројни, но секогаш нешто ме влечеше назад – желбата да придонесам за иднината на земјата што ја сакам. Моето враќањене беше само лична одлука, туку заложба за вербата дека промената е возможна. И знам дека многу од нашите млади кои заминале го чувствуваат истото. Но за тие да се вратат, мораме да создадеме услови кои ќе го направат враќањето не само можност, туку и реална шанса” потенцираше министерката Божиновска.
Taa истакна дека конференциите како денешната се многу важни, за да се подигне свеста дека синергијата помеѓу образованието и бизнисоте клучна.
,,Нашите образовни институции мора да бидат усогласени со потребите на пазарот, а бизнисите мора да бидат подготвени да понудат можности за значајни и успешни кариери. Не е доволно само да се понудат работни места, треба да обезбедиме патеки за нашите млади да иновираат, да се развиваат и да водат. Само преку соработкаможеме да создадеме иднина во која младите ќе ја гледаат Македонија како место каде што можат целосно да го остварат својот потенцијал” изјави министерката Божиновска.
Имаме можност, но и одговорност заедно да го промениме овој тренд и да создадеме средина која ќе привлекува и задржува таленти. Гласот на нашите млади ејасни – тие сакаат стабилност, можности и шанса да изградат живот кој ги одразува нивните амбиции. Мораме да ги слушаме и мораме да делуваме. Убедена сум дека многу повеќе млади ќе се вратат ако им понудиме вистински причини. Потенцијалот на Македонија е огромен, а нашите млади се највредниот ресурс. Да не ги изгубиме, кажа во својот говор Божиновска.
На крајот од своето обраќање министерката за енергетика истакна дека иднината на нашата земја не е во рацете на ниту еден сектор, туку во заедничките напори да ја направиме Македонија место каде младите ја гледаат својата иднина, каде не само што ќе сакаат да останат, туку каде ќе сакаат да се вратат и да придонесат за изградба на општеството кое сите го замислуваме