Поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, во својство на сведок во случајот „Плацеви на Водно“, денеска изјави дека до обвинетиот Никола Груевски, никогаш не доставил пари, ниту пак било такво нешто побарано од него. Божиновски одговарајќи на прашање на адвокатите посочи дека никогаш Груевски не му рекол дека купил некакво земјиште на Водно, ниту пак за станови. Со експремиерот се гледал повремено заради службените обврски но вакви разговори немал.
Од страна на бранителот на Груевски, поставен по службена должност, сведокот Божиновски беше прашан и за тоа дали има сеф во неговата канцеларија во Владата.
– Во Владата немаше сеф. Во канцеларијата во новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ многу ретко сум влегол, може да се бројат на прсти. Состаноците во главно ги одржувавме во Владата. Не можам да се сетам дали имало сефови во старата зграда на ВМРО-ДПМНЕ. Во мојата канцеларија имаше две сефа, од кои едниот нефункционален, рече сведокот Божиновски.
Двата сефа биле наседени од претходното раководство на партијата, за вториот немал шифра но никогаш не го користел. Тој нагласи дека пари во готовина не чувале во партијата, ниту во сефови, ниту пак надвор од нив. Не потврди ни дека Груевски имал сеф во неговата канцеларија.
На прашањето поврзано околу изјавата на Владимир Чинговски дадена во судот минатиот месец, Кирил Божиновски појасни дека во времето кога во август 2011 година тој станал генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, истовремено Чинговски бил разрешен од член на ИК на партијата и немал никакви партиски задолжувања, па оттука тој никогаш не му носел никакви коверти или документи на Кирил Божиновски во својство на генрален секретар на партијата, ниту пак постоел таков разговор меѓу нив двајцата за каков говореше Чинговски неодамна. Со Чинговски имале комуникација во однос на работата и но никогаш од него не добил финансиски средства. Како генерален секретар на владата од Чинговски често добивал службени дописи и пратки адресирани до Владата, но секогаш тие ги примале и проследувале задолжените лица во кабинетот на генералниот секретар. Исклучок биле согласно закон класифицираните достави кои.Божиновски ги доставувал до соодветните служби до владата за прибирање класифицирани информации. Со ова и со одговорот на директното прашање на судијата, тој во целост ја негираше изјавата на Чинговски дека му доставувал писма и коверти од чија содржина Божиновски во два наврати искажал незадоволство од содржината.
На прашање на адвокат Кирил Божиновски потврди дека во тој период додека бил генерален секретар, ревизорските извештаи на партијата не утврдиле неправилности во финасиското работење.
Пред Кирил Божиновски, на денешното рочиште за „Плацови на Водно“, како сведок на одбраната се појави и градежен инженер – вештак, која кажа дека пренамената на спорните парцели од земјоделско во градежно земјиште, заедно со други, се случила по автоматизам кога бил прифатен и изгласан Деталниот урбанистички план (ДУП) од Општина Центар.
Следното рочиште за овој предмет е закажено за 28 јануари. Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.