Македонија ги преживеала сите понижувања и неправди низ историјата, за сега во 21 век од страна на ненародната Власт да се отворат средновековни прашања и теми за идентитетот, историјата и јазикот. Маските им паднаа, бесрамно го криеја Протоколот во кој сепак скандалозниот Договор со Бугарија, историјата и идентитетските прашања како најболни за Македонија се дел од Преговарачката рамка, изјави денеска за медиумите Перчо Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
Тој кажа дека на пратениците на СДСМ од Охрид, недостојни ниту име да им се спомене, по диктат на Ковачевски докажаа дека Македонија воопшто не им е поважна од партиската наредба околу поддршка на катастрофалниот Предлог на француското претседателство со Советот на ЕУ.
– За предавниците и изродите е нормално тоа што по диктат и уцени ќе се менуваат учебници во Македонија, ќе се ретушира историјата и ќе се менуваат лекции за историски настани и личности по урнек на бугарските барања. Охриѓани треба да знаат дека истите тие се согласиле за прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение на тема Самуилова држава. Се согласиле дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик според едностраната Декларација на Бугарија. Ќе им припадне ли честа на двајцата ненародни пратеници од СДСМ од Охрид да ги постават натписите на Самуиловата тврдина, спомениците на светите браќа Кирил и Методиј, свети Климент Охридски и свети Наум Охридски дека се дел од бугарската историја, запраша тој.
Божиновски посочи дека ако ги штитат македонските национални интереси наместо предавство нека побараат признавање на Македонците и извинување од Бугарија кон сите потомци за злосторствата и репресиите на бугарскиот фашистички окупатор на македонска територија.
– Промена на Уставот нема да има, дојде времето кога гласно треба да кажеме НЕ за оваа предавничка и антимакедонска Влада која мора што поскоро да падне, додаде тој.