Компанијата БРАКО се јави со реакција откако во документарниот филм „Убиство во Тетово“, објавен од здружението „Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ“ се изнесени мислења каде тие ја обвинуваат БРАКО за низа неправилности и фаворизирање на фирмата на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.
Македонската компанија БРАКО категорично, силно, непопустливо и ригорозно ги отфрла и ги демантира сите лаги, измислици, срамни криења информации и монструозни идеи на групата ИРЛ, која со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата.
Комуникација со вакви групи е многу под корпоративното ниво и деловното работење на БРАКО, но бидејќи и по 5 дена од срамните лаги кои ги прошири, и по сите деманти од сите државни извршни институции, високообразовни институции и правосудни органи кои ги доби, оваа група не престанува да лаже, компанијата одлучи и таа да даде свој јавен став, не кон оваа група, туку кон јавноста.
Сите 19 т.н. модуларни болници БРАКО ги изгради по стандардите пропишани во проектот на Светска Банка и документацијата на Проектната единица на Светската банка во Минстерството за труд и социјала: вид на материјали, изолации, инсталации, распоред на простории, прегради, лаборатории итн., без никакви технички отстапувања од нацртите кои БРАКО ги доби, за што постојат сертификати, приемни документи, потпишани записници и сите останати потврди и докази.
Дали и како објектот по примопредавањето потоа се доопремувал, користел или управувал од страна на самата Болница и дали тоа било согласно насоките на Светска Банка и Светската здравствена организација за менаџирање во услови на ковид-не е во надлежност на БРАКО.
Ова е тоа што се однесува на улогата на БРАКО во изградбата.
Во однос на тоа што се однесува на филмот.
На 10 јули 2023г ФЕРОИНВЕСТ/БРАКО објави дека групата ИРЛ подготвува емисија против БРАКО чии побуди не се новинарски и информативни, туку имаат друга (бизнис) цел.
Авторите на срамниот филм во самата снимка сами кажаа дека отишле во Обвинителството не за да поставуваат прашања, туку за да му нудат помош на обвинителството против БРАКО и за да му даваат информации против компанијата. Тоа ли е новинарство? Да одат по правосудните органи и да ги убедуваат и лобираат против БРАКО?
Обвинителката им рекла дека ,,истрагата досега покажала дека причината за пожарот не се објектот и материјалите, и дека БРАКО се’ извел коректно и како што треба, и дека не разбира што е случајот кој го конструира ИРЛ”. На тоа самата авторка на филмот Сашка Цветковска изјави дека таа лично ,,тогаш многу се изнервирала”. Тоа ли е новинарство? Дали Сашка Цветковска уште лажно ќе се прикажува за новинар?
За да направи лажен филм ИРЛ мораше да ги прогласи за неспособни, нестручни, несовесни, поткупени и неморални сите надлежни органи, институции и стручни лица во државата и да го основа филмот на изјави на две лица од приватна фирма и јавно претпријатие, на разрешена обвинителка која колегите ја отстраниле од професијата и на злонамерна манипулација со странското вештачење кое е професионално и независно.
Дали ова општество е свесно какво значење има здравото економско ткиво за опстојувањето на државата? Големите компании кои се напаѓани се тие кои го полнат државниот буџет преку плаќање даноци. Ако тие извори се загрозени, друг извор за полнење на државната каса е задолжувањето на државата. Заговорниците на намерата бизнисот да биде мета за пополнување на медиумскиот простор потребно е да разберат дека прават несогледливи штети на македонската економија.
Во овој допис, исто така бараме поранешни и сегашни функционери и други политичари да престанат да го користат името на нашата компанија во нивните меѓусебни партиски пресметки.
БРАКО изгради 19 т.н модуларни болници низ Македонија по проект на Светска Банка и тендер на Министерството за труд и социјала како привремени објекти, кои се веќе платени со пари на Светска Банка, и 3 амбуланти во Скопје (на кои се однесува анексот), по тендер од Министерството за здравство како трајни објекти, кои државата ги користи, а не се платени.
БРАКО за тој долг го тужи Министерството за здравство, кое е известено и од Државниот правобранител дека мора да ги исплати објектите кое ги нарачало, ги презело без забелешки и секојдневно ги користи.
На крај, однапред ја отфрламе секоја реакција на Здружението на новинарите (ЗНМ) на овој текст, бидејќи претседател на ЗНМ е Младен Чадиковски, чија ќерка Деница Чадиковска е вработена во ИРЛ и е автор на емисијата против БРАКО, а во Управниот одбор чии членови одлучуват за реагирање гласа Маја Јовановска вработена во ИРЛ и автор на емисијата против БРАКО.