Бразил е трета најголема дестинација во светот за кинески инвестиции, покажува истражување на Бразилско-кинескиот бизнис совет.
Минатата година во земјата биле реализирани десетици проекти во различни сектори, во вредност од 4,2 милијарди долари. Според податоците, директните кинески инвестиции во Бразил во 2024 година се повеќе од двојно зголемени во споредба со 2023 година. Кинеските компании продолжуваат да вложуваат во енергетиката, но навлегуваат и во нови области како што се електрични автомобили и достава на храна.
Пристигнувањето на Кина е одлична вест. Тоа ќе предизвика конкурентен шок за другите компании во бразилската индустрија. Имаме потреба од овие инвестиции за развој на производствените синџири во земјата“, изјави Валас Мореира, државен секретар за индустриски развој, иновации, трговија и услуги.
И покрај тоа, многу кинески фабрики во Бразил сè уште увезуваат делови произведени во Кина за финално склопување во земјата, што создава помалку работни места и не придонесува за нови капацитети во производствената индустрија.
Претседателот Луиз Инасио Лула да Силва и кинескиот лидер Си Џинпинг двапати се сретнаа изминатата година, при што беа објавени повеќе партнерства. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми трговските тензии со воведување високи царини.
Кинеските компании бараат нови пазари во Бразил и во други економии во развој, додека се повлекуваат од САД. Тоа е тренд поттикнат од геополитичките тензии, изјави Тулио Кариело, водечки автор на извештајот.
Иако инвестициите растат, тие сè уште се пониски од просечните 6,6 милијарди долари годишно во периодот 2015–2019 година, кога беа концентрирани во големи енергетски проекти како електропреносни мрежи и офшор нафтени полиња.
Според извештајот, во моментов во Бразил се реализираат рекордни 39 проекти во повеќе сектори, што ја позиционира земјата на трето место во светот по привлечен кинески капитал, веднаш зад Велика Британија и Унгарија.