Обвинет за семејно насилство и противправно лишување од слобода

Основното јавно обвинителство Свети Николе поднесе обвинение против 21-годишник поради брутално семејно насилство врз неговата бремена партнерка, кое се случило на 19 и 20 февруари во семејна куќа во Свети Николе.

Според обвинението, тој се товари за нанесување телесна повреда при семејно насилство согласно член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода согласно член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од Обвинителството информираат дека обвинетиот, со кого оштетената живеела во семејна заедница, најпрво ја навредувал, а потоа започнал физички да ја напаѓа.

„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја“, информира Обвинителството.

Обвинителството бара притвор, се проверуваат и други наводи

Јавниот обвинител, заедно со поднесеното обвинение, доставил и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот.

Во меѓувреме се вршат дополнителни проверки и по однос на други наводи и сомненија за претходни злоупотреби од страна на истото лице кон оштетената, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител.

Обвинителството посочува дека веднаш по настанот биле преземени сите дејствија за обезбедување докази и целосно расчистување на случајот.