Европската комисија остро реагираше на неодамнешните изјави на украинскиот претседател Володимир Зеленски, оценувајќи дека неговиот вокабулар упатен кон унгарскиот премиер Виктор Орбан е неприфатлив.
Портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, нагласи дека Брисел има јасен став кога станува збор за вакви изјави и дека не може да се толерираат закани кон земји-членки на Европската унија.
– Конкретно во врска со коментарите дадени од претседателот Зеленски, ние како Европска комисија сме многу јасни дека таков вид јазик не е прифатлив. Не смее да има закани кон земјите-членки на ЕУ – изјави Гил.
Реакцијата на Европската комисија следуваше по изјавата на Зеленски во која тој сугерираше дека доколку унгарскиот премиер Виктор Орбан не го одблокира заемот од 90 милијарди евра, адресата на „тоа лице“ ќе им биде дадена на украинските војници за со него да зборуваат на „нивниот јазик“.
Орбан, коментирајќи ги ваквите изјави, порача дека блокадата на нафтата ќе биде разбиена и дека заканите по неговиот живот нема да го поколебаат.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека украинскиот претседател со ваквите пораки ги поминал „сите граници“.
Тензиите меѓу Киев и Будимпешта се засилија во јануари, кога Украина го прекина протокот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, што предизвика дополнителни политички несогласувања меѓу двете земји.
