Велика Британија објави дека го одобрила лекот против ковид-19 „молнупивир“, кој е развиен од американската компанија „Мерк“, и тој треба да биде клучна алатка во борбата против пандемијата.
-Денеска е историски ден за нашата земја, бидејќи Велика Британија е првата земја во светот што одобри антивирусен лек против ковид-19, кој може да се зема дома. Тоа ги менува животите на најранливите и имунокомпромитираните категории граѓани, кои наскоро ќе добијат револуционерен третман, изјави министерот за здравство Саџид Џавид.
Лекот „молнупиравир“ е одобрен од британската регулаторна агенција МХРА за употреба кај луѓе со благ до умерен ковид-19, кои имаат барем еден фактор на ризик за развој на тешка болест (дебелина, над 60 години, дијабетес и срцеви заболувања).
Антивирусните лекови како што е „молнупиравир“ ја намалуваат способноста на вирусот да се размножува, а со тоа ја забавуваат болеста.
Лековите ќе им се пропишуваат на пациентите во рок од неколку дена по позитивен тест и го преполовуваат бројот на хоспитализирани, покажаа клиничките испитувања.
Британската влада, соочена со високи стапки на инфекција со ковид-19, на 20 октомври објави дека нарачала 480 000 кутии „молнупивир“. Таа, исто така, потпиша договор за 250 000 кутии „ритонавир“, антивирусен лек од американската компанија „Фајзер“, кој веќе се користи против ХИВ и чија ефикасност против коронавирусот се тестира.
Овие лекови се наменети за најчувствителните, со цел да се намали притисокот врз болниците.
Во Обединетото Кралство досега повеќе од 140 000 луѓе починале од ковид-19. Притисокот врз болниците се зголемува со илјада хоспитализации дневно и близу 9 000 лица кои во моментов се хоспитализирани со ковид-19.