Британската полиција го уапси поранешниот принц Ендру

Британската полиција го уапси Ендру Маунтбатен-Виндзор утрово во неговиот привремен дом на имотот Сандрингам, под сомнение за злоупотреба на службена должност, соопшти полицијата во Темза Вали, а пренесува Фајненшл Тајмс.

Според медиумските извештаи, најмалку шест необележани возила со осум полицајци во цивилна облека, опремени со службени лаптопи, пристигнале во имотот Вуд Фарм околу 8 часот наутро, на денот кога Ендру наполнил 66 години. На терен биле присутни и форензички екипи, објави Daily Mirror.

Документи поврзани со случајот „Епштајн“

Апсењето доаѓа во период кога National Crime Agency ѝ асистира на британската полиција во анализата на информации објавени во документи поврзани со Џефри Епштајн. Американските власти неодамна објавија милиони страници со претходно необјавени електронски пораки, документи и фотографии од таканаречените „досиеја Епштајн“, што дополнително го зголеми притисокот врз поранешниот принц.

Протечените материјали содржат наводни електронски пораки меѓу Ендру и Епштајн, како и фотографија од Ендру со млада жена. Полицијата во Сари повика сите што располагаат со информации поврзани со наводите за трговија со луѓе и сексуална злоупотреба од 1994 година да се обратат до надлежните институции.

Претходни негирања и спогодба

Документите укажуваат и дека Ендру, во периодот кога бил британски трговски претставник од 2001 до 2011 година, наводно му доставувал извештаи на Епштајн за официјални посети во Хонг Конг, Виетнам и Сингапур. Полицијата во Темза Вали претходно информираше дека се консултирала со експерти од Службата за крунско обвинителство во врска со обвинувањата.

Ендру, брат на кралот Чарлс III, и претходно ги негирал сите обвинувања. Минатата година му беа одземени кралските титули по објавувањето на книга од Вирџинија Џуфре, во која таа изнесе тврдења дека била жртва на трговија со луѓе од страна на Епштајн и Гислен Максвел. Во 2022 година, Ендру постигна мултимилионска спогодба со Џуфре во граѓанска постапка за сексуален напад, иако тврдеше дека никогаш не ја запознал.