Британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, упати честитка по повод 2 Август – Илинден, најавувајќи дека делегации од Британската амбасада и Британската армија ќе учествуваат на државните чествувања во Скопје и Пелинце.
Во објава на социјалните мрежи, Лосон истакна дека присуството на британските претставници е по покана на Владата и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Честит Илинден – Денот на Републиката!
По повод националниот празник и на покана на Владата и претседателката Силјановска-Давкова, делегации од Британската амбасада и Британската армија ќе присуствуваат на настани во Скопје и Пелинце, каде што ќе положиме венци на споменикот на Методија Андонов-Ченто и пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце“, напиша британскиот амбасадор.
Во својата порака, Лосон потсети и на историската поддршка што Обединетото Кралство ја давало на македонското антифашистичко движење, нагласувајќи дека двете земји и денес се блиски партнери.
„Историски, Обединетото Кралство ја поддржуваше македонската партизанска борба за време на Втората светска војна, а и денес остануваме цврсти партнери и сојузници во НАТО“, порача Метју Лосон.
