Претседателката на српското Собрание и меѓународна секретарка на Српската напредна странка (СНС), Ана Брнабиќ, и СДСМ си разменија вербални „проектили“, а причината е претседателот на Србија и лидер на СНС, Александар Вучиќ.

Брнабиќ го оцени како срамно соопштението на СДСМ за Вучиќ, кој, според неа, на маргините на неодамнешната Меѓународна безбедносна конференција во Минхен не кажал ниту еден лош или навредлив збор за заменичката-генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, како жена.

„Дури ни членовите на СДСМ не веруваат во тоа. Имајќи го сето ова предвид, го молам СДСМ да не ги извртува зборовите на претседателот на Република Србија, внимателно да слуша што зборува Александар Вучиќ и да не го релативизира кршењето на меѓународното право и Повелбата на ООН во случајот со Србија. Што се однесува до довербата во жените, би било добро тие самите да ги следат принципите што ги постави Александар Вучиќ во својата работа“, рече Брнабиќ, потсетувајќи дека таа беше првата жена премиер на Србија благодарејќи токму на Вучиќ.

Таа додаде дека СНС секогаш ќе реагира на ваквите подметнувања и оти македонскиот народ засекогаш ќе остане братски за српскиот народ

„Ние сме единствените што имаме само пријателски односи со Северна Македонија, немаме претензии за нивниот суверенитет и територијален интегритет и секогаш, благодарение првенствено на Александар Вучиќ, се обидувавме да им помогнеме кога беа во неволја. Србија, предводена од него, ќе продолжи да го прави тоа и во иднина, без разлика на сè“, вели Брнабиќ во соопштението пренесено од српските медиуми.

СДСМ експресно одговори.

„Наместо нам да ни држи лекции за ‘срам’, госпоѓа Брнабиќ најпрво нека се сослуша себеси, а потоа и изјавата на нејзиниот претседател. Таа и Александар Вучиќ се навикнати да ги извртуваат фактите како што им одговара и да навредуваат секого што мисли поинаку од нивната диктаторска матрица“, порачаа од „Бихаќка“.

„СНС во Србија студентите ги нарекува „усташи“! Тогаш е јасно зошто Вучиќ вели дека заменичката на генералниот секретар, Радмила Шекеринска, има врска со сецесионистичката политика на Косово.

Тоа што Александар Вучиќ ве постави, госпоѓо Брнабиќ, на чело на владата, на сите им е јасно. Да се биде послушник во режимот на Александар Вучиќ повеќе никому не треба да му се објаснува“, додаваат од опозициската партија.

„Што се однесува до НАТО интервенцијата во 1999 година, токму Вучиќ беше член на таа влада, министер за информирање, чија политика директно доведе до бомбардирањето на тогашната СР Југославија.

Добро се сеќаваме на „најдобриот ученик“ на Војислав Шешељ. Тоа нема да го заборават ниту граѓаните на Србија, ниту граѓаните на Македонија“, велат понатаму од СДСМ.

„За нас Србија е наш најблизок сосед, а српскиот народ го сметаме за еден од нашите најблиски пријатели.

СНС тоа не е и никогаш нема да биде. Останувате само сестринска партија на ВМРО“, се вели во соопштението на партијата на Венко Филипче.

Вучиќ во Минхен ја критикуваше Шекеринска, оценувајќи дека дел од нејзините изјави немаат многу смисла и не ја одразуваат реалноста.

Тој изјави дека од Шекеринска „можат да се слушнат многу работи што немаат многу смисла“ и нагласи дека таа, како и многу други, „не сака да го вметне во својата гледна точка она што е вистина и очигледно“, што се видело и кога зборувала за сецесионизмот и за Република Српска, пренесуваат српските медиуми.

Извор: Expres