Денеска пред пратениците на посебна седница на Народното собрание ќе се најде Предлогот на новата Влада на Србија. Мандатот и е доверен на Ана Брнабиќ, која ќе го изнесе своето експозе пред пратениците, а доколку ја добие поддршката од повеќе од 126 пратеници, Брнабиќ ќе го започне третиот мандат на чело на владата, јави дописникот на МИА од Белград.
Претседателот на српското Собрание Владимир Орлиќ оцени дека до четврток ќе биде избрана новата Влада на Србија. Српскиот парламент денеска на посебна седница ќе почне да го разгледува изборот на нова влада, а Орлиќ за РТС изјави дека предвидените пет часа за дискусија сигурно ќе се удвојат, сметајќи ги репликите и очекуваните повикувања за прекршување на Деловникот.
Според Орлиќ, цела Србија очекува да се обезбеди континуитет на политиката што веќе се води во време на големи потреси во Европа и светот.
-Прво ќе биде експозето на Ана Брнабиќ. Министрите нема да зборуваат додека не бидат избрани, а секој пратеник пред себе ќе го има текстот на експозето, рече Орлиќ.
Новата Влада на Србија ќе има вкупно 28 министри, од кои тројца без ресор. Од вкупно 25 министерства што ќе ја сочинуваат новата Влада на Србија, само седум министри ги задржаа старите ресори.
Столбот на Владата ќе биде од редовите СНС, коалицијата СПС-ЈС ќе има пет кандидати за министри и по еден кандидат од ПУПС на Милан Кркобабиќ, СДПС на Расим Љајиќ и Демократскиот сојуз на Хрватите на Томислав Жигманов во Војводина, со што во владата за прв пат ќе се најде и преставник на хрватското малцинство во Србија.
Седум министри од составот во заминување ќе ги задржат своите ресори: Синиша Мали (финансии), Бранко Ружиќ (образование), Маја Гојковиќ (култура), Маја Поповиќ (правда) и Ирена Вујовиќ (екологија), Новица Тончев (без ресор за регионален развој) и Милан Кркобабиќ (за грижа за селата). Од оние кои ќе ги сменат министерствата се Томислав Момировиќ кој од транспорт и инфраструктура преминува во Министерството за надворешна и внатрешна трговија, а на негово место доаѓа Горан Весиќ од Град Белград, потоа Дарија Кисиќ која го отстапува одделот за труд и социјална политика на Никола Селаковиќ, а таа оди во Министерството за демографија и семејна грижа.
Шеф на дипломатијата и вицепремиер и координатор на безбедносно-разузнавачките агенции ќе биде лидерот на СПС Ивица Дачиќ.
За прв пат членови на Владата треба да станат: Јелена Беговиќ, молекуларен биолог, на функцијата министер за наука и технолошки развој, градоначалникот на Нови Сад Милош Вучевиќ (вицепремеир и одбрана), неурохирургот и директор на Институтот за радиологија и онкологија Даница Грујичиќ (здравство), Томислав Жигманов (малцинства и социјален дијалог), Тања Мишчевиќ која ги предводеше преговорите со ЕУ (европска интеграција), познатиот одбојкар Зоран Гајиќ (спорт), Јелена Танасковиќ (земјоделство), Хусеин Мемиќ кој е заменик на партијата на Расим Љаиќ (туризам и млади), Томислав Жигманов (малцински права и социјален дијалог), Дубравка Ѓедовиќ Негре од Извршниот одбор на НЛБ Комерцијална банка (енергетика и рударството), и долгогодишниот пратеник на СНС Александар Мартиновиќ (државна управа и локална самоуправа). Во Владата се враќа и Братислав Гашиќ кој беше прв човек на Безбедоносно-разузнавачката агенција (БИА), а сега ќе биде прв човек на полицијата.
Актуелниот шеф на владината канцеларија за информатичка технологија Михаило Јовановиќ ќе биде задолжен за информации и телекомуникации, а поранешниот прв човек на Канцеларијата за јавни инвестиции Марко Благојевиќ ќе раководи со истоименото министерство.
Третата влада на Ана Брнабиќ ќе има дури тројца министри без ресор, и тоа Новица Тончев и Ѓорѓе Милиќевиќ од СПС, како и Един Ѓерлек, поранешен шеф на кабинетот на муфтијата Муамер Зукорлиќ и портпарол на Партијата за правда и помирување (СПП).