Премиерката на Србија Ана Брнабиќ смета дека денес, 65 години после Римскиот договор, не може да се каже дека Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана, без целосна интеграција, односно како што посочува, опфаќање на Западен Балкан. Тоа е логично бидејќи, вели, целиот регион е опкружен со земји членки на ЕУ.
– Ние сме опколени од членки на ЕУ и затоа логично е да се прими Западен Балкан во европското семејство на нации колку што е можно побрзо Тоа е политички економски, но и стратешки исправна одлука. Тоа е за наше добро и за добро на ЕУ. Во ова време ова подеднакво треба да биде важно на нашата агенда како и на агендата на ЕУ. Затоа сакам повторно да ги повикам нашите европски партнери да почнат преговори со Северна Македонија и Албанија колку што е можно поскоро бидејќи тоа е исправно. Исто така, тоа е важно и за нас Србија, затоа што напредувањето на целиот регион кон ЕУ е крајно важно за регионалната безбедност и мирот и економскиот просперитет. Ова е и во полкитичка и во економска смисла. Србија им дава стопроцентна поддршка на сите наши партнери во регионот да продолжат со преговорите колку што е можно побрзо, ова ја вклучува и БиХ, рече Брнабиќ, на панелот „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ во рамки на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
На економско поле за Србија, нагласи таа, двата клучни приоритети се економската соработка со ЕУ и со нашите партнери во регионот, бидејќи над 65 проценти од трговија и инвестициите за земата е со ЕУ, а околу 17 проценти се со регионот или 82 проценти од нашата трговија и инвестиции.
-Ако ги оставиме перцепциите на страна мислам дека е јасно дека ЕУ и регионот се таму каде што е нашето срце, каде што се нашите интереси и политички и економски, рече Брнабиќ.
Таа укажа дека за поттикнување на развојот и соработката во регионот од голема важност се агендата за поврзување од Берлинскиот процес, односно градењето автопати, брзи железници за поврзување на луѓето и на стопанствата а со цел подобра поврзаност на Западен Балкан, а тука е и иницијативата Отворен Балкан.
-На полето на инфраструктурата завршивме изградивме автопати кон Северна Македонија и Бугарија. Коридорот 10, моментално го градиме автопатот кон Сараево и го почнавме патот кон Црна Гора. Ја градиме брзата железница кон Унгараија, и продолжуваме со проектите кои ќе го поврзуваат целиот регион. Диверзификацијата е еден од најголемите приоритети во моментов. Србија ќе добие нова влада денес, и можам да кажам кој и да биде премиер едно е сигурно – приоритет број 1 на новата влада ќе биде енергетиката, забрзување на диверзификацијата и на зелената агенда, односно транзицијата кон зелената енергија. Тоа ќе остане апсолутен клучен приоритет во следните 4-5 години. Крајно важно за сите нас е да се зголеми енергетската независност и одржливост. За Србија најважен е интерконекторот за гас со Унгарија и поврзување со терминалите со Грција кој почнавме да го градиме во февруари годинава со голема помош од ЕУ која покрива 50 проценти од проектот. Сега размислуваме за интерконекторот со Северна Македонија. Без подобро поврзан регион ќе биде потешко и поскапо за сите нас, рече Брнабиќ.
Таа го истакна и значењето на Отворен Балкан како економски многу важен проект и ги повика сите од регионот кои не се дел од него да и се приклучат на иницијативата.
-Мислам дека тоа ќе влијае на нашите економии со зголемување на нашиот свекупен БДП од над 7 процени. Тоа е уникатна можност. Ако останеме како што сме сега Албанија, Северна Македонија и Србија, ќе биде од 1 – 3 проценти. Се надевам дека и другите ќе го препознаат потенцијалот на Отворен Балкан и ќе ни се придружат. Важен е и политички затоашто ќе им даде сигнал на нашите партнери од ЕУ дека кога ние самите ќе се здружиме ќе правиме работи кои ќе бидат барани од нас кога ќе се зачлениме во ЕУ. Намалување на бирократијата, градење на Блакан без граници, слободен проток на луѓе, стока и капитал и на крај најважната работа – ќе покаже на младите дека ние денес како политичари можеме да создадеме различна иднина и дека и можат да останат на Западен Балкан, рече Брнабиќ.
Во однос на искажаните ставови на претседателскиот панел од претседатели на земји членки на ЕУ дека Србија не може да се надева да стане членка на ЕУ без да ја признае незавосноста на Косово, Брнабиќ вели, „повторно имаме ситуација каде што ги менуваат стативите“, што е вели многу различно од тоа што е официјален став на ЕУ. Во преговарачката рамка за земјата со ЕУ како став на Унијата никаде не се наведува признавање на Косово, туку нормализирање на односите, а се потвдува и Резолуцијата на ОН 1244. -Во официјалниот став на ЕУ нема ниту еден збор за потребата да се признае Косово, рече Брнабиќ.