Голема трагедија во Тексас
Централниот дел на американската сојузна држава Тексас стана сцена на една од најстрашните природни катастрофи во последните децении, откако реката Гвадалупе по поројните дождови се претвори во незапирлива буица што носи сè пред себе — карпи, дрвја, автомобили и, за жал, човечки животи. Над 80 лица се официјално потврдени како загинати, но бројот се очекува да го надмине трагичниот праг од 100 поради многуте исчезнати.
Најголемата трагедија се случи во областа Кер, каде што буицата целосно уништи христијански летен камп, полн со деца.
„Имаше толку многу вресоци, премногу вресоци. Тие цело време удираа на вратите, некои успеаја да побегнат. Сакаа да си ги земат работите со себе, немаше воопшто време за тоа. Мораа да бегаат“, изјави сопственичката на кампот, Лорена Гилен.
„Толку многу деца загинаа, многу е тажно и тоа е најтешкиот дел. Тоа беа наши деца. Онаму. Кампот е најтрагичната работа во целата состојба“, додаде Хајди Истон, претставничка на локалната власт во Кервил.
Несоодветна подготовка и доцна тревога
Жителите на Кервил и околните места беа изненадени од брзината и обемот на поплавата. Според нив, водата надојде за само неколку минути.
„Ова не можевме да го предвидиме. Наврна премногу вода за прекусо време. Од изворите се наполнија рекичките, потоа и реката и количеството вода беше страшно“, изјави локалниот жител Дејвид Рист.
Американскиот претседател Доналд Трамп веднаш ја активираше федералната агенција за управување со кризи (FEMA), нарекувајќи ја ситуацијата „ужасна катастрофа“.
„Ова можеби се случува еднаш во стотина години. Никогаш не сум видел вакво нешто досега. Некој се обидува да го обвини кампот, но можам да кажам само дека ова е ужасна работа“, рече Трамп.
Во јавноста се појавија критики за намалување на бројот на вработени во Националната метеоролошка служба, што можеби придонело за доцното реагирање. Белата куќа остро ги демантираше обвинувањата, тврдејќи дека сите предупредувања биле испратени навреме до локалните власти.