Омикрон ги „размрда“ КОВИД билтените.

За само 15 дена бројот на активни случаи се зголеми за три пати. Ако на први јануари биле инфицирани 5.135 лица – заклучно со вчера бројката изнесува 16.132, што се речиси 11.000 случаи повеќе.

Епидемиолошката слика во моментов е најзагрижувачка во Скопје, каде се и половината од вкупниот број заразени – 8.609. Потоа следуваат Битола со 1.456, Прилеп со 809, Куманово со 580 и Охрид со 565 активни случаи.

Новата варијанта на вирусот ги зголеми и реинфекциите. Само во изминативе пет дена 913 лица по втор пат добиле позитивен КОВИД тест.

Добра вест е што драстичниот пораст на инфицирани со корона не го зголеми и бројот на починати како последица на вирусот. Веќе денови наназад бројките во дневните здравствени извештаи се едноцифрени. Токму поради ова болниците ширум земјава не се оптоварени со преголем број на КОВИД пациенти. Но затоа е зголемен метежот пред амбулантите за прегледи.

Од Инфективната клиника, каде се лекуваат најтешките случаи, за Канал 5 велат дека во моментов се хоспитализирани 70 лица. Најголем дел од нив се возрасни над 60 години. Има и вакцинирани и невакцинирани граѓани. Во последните 24 часа, пак, се направени 84 амбулантски прегледи на пациенти со полесна клиничка слика. Од клиниката додаваат дека оваа бројка не е неовообичаено зголемена бидејќи недели наназад на дневно ниво вршат идентичен број на прегледи.