Иако бројот на пожари е висок, според Ангелов државата досега успешно се справува; трет „ер трактор“ доаѓа во август
Бројот на пожари е висок, но досега успешно се справуваме, порача денеска Стојанче Ангелов. Според него, на терен делуваат два „ер трактора“, два хеликоптери на МВР и два армиски. Третиот „ер трактор“ е на сервис, но се очекува да се врати на почетокот на август.
Фирмата која врши сервис најверојатно има обем на работа. Леталото е благовремено однесено, но има дополнителни дефекти, рече Ангелов.
Ако состојбата се влоши, можно е да се побара меѓународна помош. Но, според Ангелов, тоа моментно не е соодветна опција.
Целиот регион е во оган. Сите соседни држави ги користат сопствените летала, рече директорот.
Бројот е навистина висок, посочи Ангелов. Но, истакна дека досега справувањето е успешно. Секое утро, авион на Агенцијата за цивилно воздухопловство врши прелет над државата. Целта е навремено детектирање на нови пожари и следење на постојните.
Поголем дел од пожарите се ниски. На некои места, штетата е минимална.
Но, борбата е тешка. Пожарите се на непристапен терен. Затоа воздушната поддршка е клучна, рече Ангелов.
Тој апелираше сопствениците на викендици да исчистат дворови и да направат заштитни појаси. Повтори дека постојат случаи на намерни палежи.
Најновиот пример е во Крива Паланка. Пронајдени се повеќе од 30 расфрлени гуми, гранки и картони, рече Ангелов.
Граѓаните се повикани да пријавуваат сомнителни активности.
Секој што ќе забележи нешто, нека се јави на 112 или во полиција, порача тој.
Во последното деноноќие регистрирани се 40 пожари. Од нив, 33 се изгаснати, пет активни, а два ставени под контрола.