Според податоците на Министерството за здравство во земјава за вакцинација се пријавени 395.776 граѓани, а досега аплицирани се вкупно 255.259 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.806 граѓани. Со тоа вкупната бројка на вакцинирани граѓани е на 216 илјади.

Со последните бројки 45,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 38,8 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Министерот Филипче ги повика граѓаните во што поголем број да се пријават за вакцинација, бидејќи само со масовна вакцинација на што поголем број граѓани ќе се стави крај на пандемијата.

–Колку побрзо и повеќе граѓаните се вакцинираат толку побрзо ќе ги прославуваме поводите за радост, родендените на саканите и свадбите на блиските. Вакцинацијата ни ја враќа слободата да ги прегрнеме нашите блиски, роднини, баби и дедовци, вели Филипче.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден кај нас беа регистрирани се 84 оздравени пациенти. Вчера беа регистрирани 51 нов случај на Ковид-19 и тоа во Скопје – 28, Тетово – 5, Битола и Виница – по 3, Прилеп, Кочани и Кичево – по 2, Куманово, Велес, Гостивар, Кавадарци, Неготино и Македонска Каменица – по еден, а пријавени беа вкупно 16 починати лица од кои седум од Скопје.

Досега во земјата се направени вкупно 773.531 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.028, бројката на оздравени пациенти е 146.800, починати се 5.296 лица, а бројот на активни случаи изнесува 2.932.

На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 340 пациенти со Ковид-19. Има околу 559 празни болнички кревети во ковид – центрите, а поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.