Учениците ќе се вратат во училиштата во Шпанија на 10 јануари, а тоа важи и за студентите на универзитетите, потврди денеска Министерството за здравство и стави крај на шпекулациите дека рекордните инфекции со омикрон може да предизвикаат наставата да се одвива онлајн.
Бројот на случаи во Шпанија достигна нови рекорди откако пред два месеца беше потврден високозаразниот сој омикрон на коронавирус, што ја зголеми загриженоста дека децата нема да можат да се вратат на училиште по божиќните празници, пренесува „Ројтерс“.
Официјални лица од 17 шпански региони, кои се одговорни за здравствената политика во нив, денеска гласаа за враќање во училниците, а физичкото присуство на сите шпански ученици во училиштата од 10 јануари, на новинарите им го потврди министерката за здравство Каролина Дариус по регионалната средба.
Маските ќе бидат задолжителни во секое време и училиштата мора да гарантираат соодветна вентилација, додека регионалните администрации ќе работат на покривање на сите отсуства на наставници поради инфекција, рече таа.
Стапката на заразност на национално ниво, измерена во последните 14 дена, достигна нов рекорд од 2.296 случаи на 100.000 луѓе во понеделникот, што е зголемување за повеќе од 10 пати во споредба со почетокот на декември.
Притисокот врз болниците е во пораст, но сè уште е далеку од она што беше пред една година.
Стапката на зафатеност на одделот за интензивна нега достигна 21,2 отсто во понеделникот, во споредба со 8 отсто пред еден месец, но тоа е значително помалку од максимумот од 43 отсто забележан минатиот јануари, наведува „Ројтерс“.