Официјалните бројки растат

Бројот на загинати во разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар се искачи на 1.644 лица. Повредени се најмалку 3.408 луѓе, според податоците што ги објави владејачката хунта.  139 лица се водат како исчезнати, а бројките се очекува да се зголемат во текот на наредните денови.

Тешки услови за спасувачките тимови

Операциите за пребарување и спасување се во полн ек, особено во најтешко погодените области, како главниот град Нејпидо и градот Мандалеј. Сепак, спасувачките напори се отежнати поради сериозните оштетувања на аеродромската инфраструктура.

(ВИДЕО) Катастрофалниот земјотрес во Мјанмар: Над 1.000 жртви, урнати згради и меѓународна помош

Сателитските снимки од Planet Labs PBC покажаа дека кулата за контрола на летање на аеродромот во Нејпидо е целосно уништена, а во моментот нема информации за евентуални жртви од овој инцидент. Поради тоа, авионите со спасувачки тимови се пренасочуваат кон аеродромот во Јангон, наместо директно во погодените региони.

Чудесно спасување по 30 часа

Во драматична спасувачка акција, 30-годишна жена беше извлечена жива од урнатините на нејзината станбена зграда во Мандалеј, по цели 30 часа поминати под рушевините. Таа е веднаш пренесена во болница, а нејзината состојба засега не е позната.

Хуманитарна помош и меѓународна поддршка

Помош од други земји веќе пристигнува, но логистичките предизвици го забавуваат процесот. Хуманитарните организации предупредуваат дека на погодените региони итно им се потребни медицинска помош, засолништа и чиста вода за пиење.

Спасувачките тимови ќе продолжат да работат непрекинато во наредните денови, во обид да најдат преживеани и да им помогнат на погодените граѓани на Мјанмар.

Извор: Курир