Шеснаесет лица, меѓу кои и еден од вооружените напаѓачи, загинаа во терористичкиот напад што се случи на плажата Бонди во Сиднеј, потврди полицијата во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс. Вториот напаѓач се наоѓа во критична состојба, а нападот официјално е прогласен за терористички чин.

Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс соопшти дека властите не трагаат по други сторители и дека двајцата напаѓачи биле татко и син, на возраст од 50 и 24 години. Таткото бил убиен за време на полициската интервенција, додека синот, според официјалните информации, сè уште се лекува во болница. Овој терористички напад во Сиднеј ги остави граѓаните во шок.

Премиерот Минс потврди дека во нападот загинале 15 невини лица, како и еден од напаѓачите, додавајќи дека жртвите биле на возраст од 10 до 87 години. Тој исто така изјави дека 42 лица сè уште се хоспитализирани и ја повика локалната заедница да покаже солидарност.

„Да знаат дека обичните Австралијанци, обичните луѓе, се со нив и мислат на нив во овој ужасен, насочен напад врз настан што требаше да биде радосен и што тие имаа секое право да го споделат со заедницата на Бонди Бич“, рече Минс.

Според полицијата, вкупно 40 лица биле ранети во нападот, а меѓу повредените има и четири деца. Пукањето се случило за време на настан организиран по повод првиот ден од одбележувањето на еврејскиот празник Ханука, кој се одржувал на плажата Бонди, каде што терористичкиот напад во Сиднеј се одвиваше.

Министерот за здравство изјави дека состојбата на дел од повредените е сериозна. „Се надеваме и се молиме да преживеат. Следните часа ќе бидат најтешки“, изјави тој.