Дури и десетина денови по случајот со убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски граѓаните уште се потресени. Вања е киднапирана, па убиена во центарот на Скопје.
Од двојното убиство се отвораат многу прашања: Кој е мотивот за двојното убиство за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес? Зошто некој би убил 14 годишно девојче, а зошто некој би посегнал по живот за 500 евра? Каква е улогата на таткото? Како е возможно да се грабне Вања кога има згусната евиденција? Што е регистрирано од камерите на Вања?
Како одговор на дел од ваквите прашања денеска одново зборуваше обвинителот Гаврил Бубевски.
Материјалните докази обезбедени по убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се на иста линија со исказите што ги дале осомничените. Ова го потврди скопскиот обвинител Бубевски. Тој не соопшти нови суштински детали од истрагата, но посочи – вештачењето на собраните докази е во тек и за овој случај сите факти ќе бидат елаборирани во обвинението.
„Се испитуваат материјалните докази. Можам само да ви кажам дека материјалните докази говорат со истиот јазик со којшто зборуваа осомничените. Во овој дел толку“, изјави денеска обвинителот Гаврил Бубевски.
Изминатите денови, експерти предупредија дека погрдните квалификации и навреди кон осомничените можат да ја отежнат екстрадицијата на Палевски давајќи му аргумент пред турските власти да тврди дека земјава нема да гарантира фер судење, а со тоа и можност да бара азил.
Оттогаш, Обвинителството остана резервирано во споделувањето информации. Но, Бубевски вели сè што било потребно за да се комплетира барањето за екстрадиција е доставено до Министерството за правда.
„ОЈО Скопје ги има доставено сите потребни работи за постапката за екстрадиција“, нагласи обвинителот Бубевски.
Откако полицијата го најде телото, а лекарите од судска медицина ја завршија обдукцијата, наодот во кој се содржани причините за смртта и времето на нејзино настапување не се споделуваат јавно, поради како што велат од Обвинителството – интерес на истрагата. Верзијата, до која сè уште се држат истражните органи е дека девојчето било убиено со истрел од огнено оружје неколку часа по грабнувањето.
Монструмите не смеат да живеат во Македонија. Повеќе од три децении подземјето е аздисано, од криминалци стануваат бизнисмени и политичари. За жал, ова е честа приказна во Македонија.