Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска изнесе обвинувања дека за време на мандатот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, државните средства што се префрлале кон приватната Клиничка болница „Жан Митрев“ биле речиси двојно зголемени.
Според Петрушевски, последните случувања и јавното сведоштво на докторот Жан Митрев, како што рече, го разоткриле начинот на функционирање на тогашната власт предводена од СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев. Тој обвини дека здравствениот систем бил користен како инструмент за притисоци, уцени и финансиски интереси, на штета на граѓаните.
Тој презентираше податоци според кои во 2015 година, кога СДСМ бил во опозиција, државата за Клиничката болница „Жан Митрев“ издвојувала 361,6 милиони денари, односно околу 5,8 милиони евра.
По доаѓањето на СДСМ на власт, како што тврди Петрушевски, средствата континуирано се зголемувале. Во 2017 година буџетот изнесувал 406,6 милиони денари, во 2018 година 457 милиони, а во 2019 година 612 милиони денари.
Кулминацијата, според него, била во 2020 година, кога, во периодот кога министер за здравство бил Венко Филипче, кон клиниката биле префрлени 682 милиони денари, односно речиси 11 милиони евра, што претставува речиси двојно зголемување во споредба со 2015 година.
Петрушевски додаде дека високите трансфери продолжиле и во 2021 и 2022 година, кога биле исплатени по 602 милиони денари, околу 548 милиони денари во 2023 година и 515 милиони денари во 2024 година.
Првото, како што рече, значително намалување било регистрирано во 2025 година, кога сумата изнесувала околу 479,8 милиони денари, по промената на власта и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Петрушевски, овие податоци укажуваат на фаворизирање на приватната клиника со јавни средства во периодот кога СДСМ бил на власт. Тој постави прашање дали зголемувањето на трансферите имало за цел намалување на вредноста на болницата заради можен влез на Филипче во приватниот здравствен сектор и побара Јавното обвинителство да отвори истрага за, како што наведе, сомнежите за криминал и злоупотреба на службената положба.
