Нема простор за паника – исплатите ќе се реализираат навремено
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска демантираше објави дека трезорот ќе се затвори на 15 декември поради немање приливи и истакна дека исплатите ќе се реализираат навреме и нема простор за паника.
„Не сме го заклучиле Трезорот. Ова прашање го следам деновиве и излезе од контрола. Не можам да ги разберам објавите, поготово што доаѓаат од опозиција која знае како функционира Трезорот. Трезорот работи“, изјави Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека рокот за доставување налози до 15-ти од страна на институциите е само за подобра организација на исплатите до крајот на годината.
Таа појасни дека налозите во Трезорот стојат по 15 дена заради дополнителни проверки и дека даночниот календар налага одредени денови за собирање даноци.
„Нема логика да се затвора Трезорот ако даноците се собираат до 25-ти во месецот“, рече министерката.
Исплатите течат навремено – нема застој во Трезорот
„Напротив, имаме приливи и ги планираме одливите. Се она што стигнува во Трезорот како налози се исплаќа навремено. Многу несериозно е да се каже дека Трезорот затвора. Трезорот ги прибира налозите со цел подобра организација до крајот на годината“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Во однос на информации дека се доцни со исплатата на социјалните трансфери, министерката објасни дека проблемите се во подготовката на налозите во ресорните институции.
„Од она што го добив како податок од Министерството за социјална политика, имаат нови потпишани решенија кои чекаат да се стават во систем и да почне исплатата“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека Буџетот е во добра кондиција и дека сите обврски ќе бидат сервисирани навремено.
„Ќе го видите тоа до крајот на годината. Пред боговите и фактите молчат. Ќе дојде 31 декември и ќе се види реалната состојба“, посочи министерката.
Кратењето средства за ретки болести е во рамки на лимитите на институциите
Во однос на кратењето средства за ретки болести, Димитриеска-Кочоска истакна дека секоја институција добива лимит и самата одлучува како ќе го распределува.
„Приоритетите ги одлучуваат министрите. Ние како Министерство за финансии делиме лимити, а секој сам во рамки на своите лимити одлучува што е негов приоритет“, нагласи таа.
