Шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков, изјави дека и Бугарија сака да биде дел од процесот околу уставните измени. Ова веќе му го соопштил на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Бугарија сака да партиципира во процесот на обликување на текстот, како што велат од таму, за процесот да се одвива непречно. Бугарските медиуми пишуваат дека официјално Софија бара да не биде изоставена од ова прашање, а Милков му го соопштил ова на Османи вчера во краток разговор.
Во работната група ќе учествуваат претставници од политички партии, делегат испратен од претседателот на државата, како и експерти по право. Парламентарните партии добија покана и тие треба да номинираат претставник најдоцна до понеделник.
Од експертите, покана добила поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николова, а неофицијално во работната група е резервирано место за професорката Дескоска и професорот Шкариќ.