Владата: политичка волја за уставните измени постои
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека Владата има јасна политичка волја за спроведување на уставните измени, но нагласи дека е клучно процесот на евроинтеграции да се заштити од билатерализација.
-
„Неколкупати досега, заедно со премиерот, нагласивме дека обврските за уставните измени се преземени. Имаме подготвеност и волја за нивно спроведување, но мораме да го заштитиме процесот од билатерални влијанија, бидејќи пристапниот процес бара фокус на реформи и усогласување со европските стандарди“, изјави Муртезани.
Тој додаде дека постои разбирање од страна на Брисел, а Владата се надева на стабилна политичка влада во Бугарија со која ќе може да се продолжат дијалозите.
-
„Билатералните договори, како оној за добрососедство, наметнуваат обврски за двете страни. Бугарија е обврзана да нè поддржува, а не да нè блокира“, нагласи Муртезани.
Експертите предупредуваат на последиците од билатерализација
Експертите истакнуваат дека билатерализацијата на пристапниот процес може да има сериозни последици врз регионалната стабилност, особено во услови кога проширувањето на ЕУ е клучно за мирот во Европа.
-
„Проширувањето мора да биде ослободено од билатерални проблеми, бидејќи тие го загрозуваат целиот процес и стабилноста на регионот“, истакнуваат експертите.
Силјановска: проблемот е длабок во самата ЕУ
Претседателката Силјановска во своето годишно обраќање пред пратениците предупреди дека билатерализацијата не е само македонски проблем, туку и системски предизвик за Европската Унија.
-
„Билатералните пречки во процесот на пристапување се проблем кој ја оптоварува самата Европска Унија. За да се постигне напредок, Унијата мора да го ослободи пристапниот процес од овие пречки“, изјави Силјановска.