Бугарија, Романија, Турција и Абхазија (во Грузија) се меѓу земјите што ќе бидат директно загорозени од радијација доколку дојде до сериозна хаварија во нуклеарната централа „Запорожје“ што се наоѓа во јужниот дел на Украина, предупреди постојаниот руски претставник во Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Михаил Улјанов повикувајќи се на руски воени експерти за телевизијата „Русија24“ изјави дека во случај на сериозна хаварија на централата, зоната на радиција ќе зафати површина со радиус од пет илјади километри, што значи дека ќе бидат загрозени Донбас, голем дел на Украина, делови на Русија, но истовремено и Абхазија, Романија, Бугарија и Турција.
Улјанов додава дека се очекува генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси до Советот за безбедност на ОН да достави извештај за ситуацијата околу нуклеарната централа „Запорожје“. Претходно денеска првиот заменик-постојан претставник на Русија во Обединетите нации, Дмитриј Полјански, потврди дека Советот за безбедност утре ќе одржи состанок по прашањето.
„За да има инспекција на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје, украинската армија мора да престане да ја гранатира и да не создава пречки“, изјави Михаил Улјанов. Според неговите зборови, украинската страна засега „не даде ни најмала причина да верува дека Киев ја поздравува таквата мисија, туку спротивното“. Тој како „уште една лага“ и “примитивна пропаганда” ги нарече тврдењата на Украина дека руската страна ја гранатира нуклеарната централа во Запорожје.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемата нуклеарна централа во Европа.
На 3 јуни Русија и МААЕ постигнаа договор за рутата и распоредот за работа на група меѓународни инспектори во нуклеарната централа „Запорожје“ под лично раководство на Гроси. Министерството за надворешни работи во Москва подоцна соопшти дека активноста во последен момент била стопирана од Одделот за безбедност на Секретаријатот на ОН.
Руските сили вчера почнаа да инсталираат системи за противвоздушна одбрана околу нуклеарната централа „Запорожје“, откако ракетирањето на заземената украинска постројка предизвика загриженост по безбедноста на инсталацијата.
„Системите за противвоздушна одбрана на централата се зајакнуваат“, изјави за руската државна телевизија Евгениј Балицки, шеф на воената администрација на руската армија за областа Запорожје. Во моментов централата „Запорожје“ работи нормално, а далноводите и оштетените реакторски единици се санирани, рече Балицки.
Украинските агенции јавуваат дека Европската унија на посебниот состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ одржан во Виена ги осудила воените дејствија на Русија околу нуклеарната централа „Запорожје“ и побарала контролата врз централата веднаш да биде вратена на украинските власти.
„Исто така, ја повикуваме Москва да се воздржи од какви било активности што ја загрозуваат безбедноста“ на АЕЦ „Запорожје“, се вели во соопштението. ЕУ истовремено бара слободен и неограничен пристап на набљудувачите на МААЕ на централата, за да се потврди нејзината безбедност.
Атомската централа „Запорожје“ од 4 март е под контрола на руската страна, а моментално капацитетот го опслужува руски персонал од околу 500 лица.
Украинското разузнавање на 6 август соопшти дека руската армија ги минирала енергетските единици на нуклеарната централа „Запорожје“.
Претставниците на МААЕ повеќе од пет месеци немаат пристап до инсталацијата.