Две државјанки на Република Бугарија се под истрага на Основното јавно обвинителство Скопје поради сомнение дека во повеќе наврати сториле кражби, за што се гонат по кривично дело по член 235 став 1 од Кривичниот законик.

Бугарки осомничени за серија кражби

Од Обвинителството информираат дека првоосомничената во пет наврати, од кои последниот заедно со второосомничената, од различни лица одземала паричници. Во нив, покрај парични средства, имало и банкарски картички, по што осомничените се обидувале да повлечат дополнителни износи.

Еден од случаите е регистриран на 04.04.2025 година, кога во автобус број 7 на ЈСП-Скопје, на релација од поликлиника Букурешт до Рекорд, осомничената украла паричник со 2.600 денари, банкарска картичка и други документи. Кога оштетениот се јавил во банка за да ја блокира сметката, му било кажано дека од банкомат веќе биле подигнати 30.000 денари.

Во текот на август 2025 година, според ОЈО Скопје, во трговски центар во Скопје таа три пати извршила кражба на паричници во кои имало документи, банкарски картички, пари и други вредни предмети, при што првично прибавила противправна имотна корист од 39.000 денари. Потоа од картичките се обидувала да извлече уште средства, а кај една оштетена тоа и успеала, при што од банкомат во два наврати повлекла вкупно 60.000 денари.

Последниот настан, како што наведуваат од Обвинителството, се случил на 04.01.2026 година, кога двете осомничени заедно, повторно во продажен објект во трговски центар, украле паричник и други предмети во вкупна вредност од 3.000 денари. Потоа два пати безуспешно се обидувале од банкомат да повлечат пари од сметката на оштетената.

„Бидејќи во конкретниот случај постојат индиции дека осомничените во двата успешни обиди за повлекување пари од украдените картички користеле ПИН кодови кои жртвите, повозрасни лица, ги чувале запишани во своите паричници, јавниот обвинител презема дејствија за да испита дали осомничените исполниле и елементи на кривично дело – Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, додаваат од ОЈО Скопје.

За двете осомничени странски државјанки е предложена мерка притвор, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

Бугарки осомничени за серија кражби