Криминална група која дејствувала во Бугарија извезувала стока за руските војници во Украина. Вкупно 12 лица се уапсени при акција на МВР, обвинителството и националната служба за безбедност (ДАНС) во понеделникот. Меѓу нив има Руси, Белорусин и Албанец. Останатите се Бугари.

Петмина се обвинети за учество во криминална група и нелегално извоз. Според шефот на ДАНС, Пламен Тончев, групата била вклучена во извоз на стоки наменети за специјалните руски единици во Украина – Росгвардија, ГРУ, згаснатиот „Вагнер“ и чеченските борци.

Била извезена стока како оптички нишани и двогледи, објасни окружниот обвинител на Пловдив. Покрај тоа, софтверот беше испратен во Русија. Биле извезени и авијациски радија и балистички броила.

Тоа се т.н „стока со можна двојна употреба“. По воведувањето економски санкции кон Русија поради агресијата во Украина, ваквата стока се извезува само со дозвола. Меѓутоа, приведените никогаш не побарале. Според истражителите, нивната компанија можела да купи стока за околу 4 милиони лева, кои биле спакувани во Пловдив, а потоа испратени до аеродромот во Софија, од каде што биле извезени во Русија.

Групата работи од почетокот на 2021 година, велат истражителите. ДАНС започна со работа по добиени оперативни информации за нелегалниот извоз, рече Тончев. Предметот во обвинителството беше отворен на почетокот на месецот. Некои од приведените биле уапсени на аеродромот во Софија пред да полетаат за Русија. Претресите и разговорите со сведоците се уште траат.

Учесниците во групата купувале стоки од ЕУ и работеле во трети земји – Велика Британија, Швајцарија, Србија, Сингапур, Обединетите Арапски Емирати. Фирма регистрирана во Пловдив главно се користела за извоз.

Сопственикот на фирмата е грчки државјанин роден во Грузија, сметководителот е од Казахстан, Русин со четири-пет други пасоши е управител, втор Русин ја организирал логистиката. Третиот Русин има дозвола за постојан престој во Унгарија.

„Овие производи не се наменети за редовната руска армија. Тие се наменети за специјалните сили кои се борат на територијата на Украина“, рече Тончев.

Апсењата се извршени во Софија, Варна и Трново. Некои од приведените најверојатно ќе бидат ослободени по истекот на 24-часовната полициска мерка.

Бугарските служби ја искористија приликата да се пофалат дека се доверлив евроатлантски партнер и внимаваат на почитувањето на прописите. „Акцијата беше започната на аеродромот во Софија, таму беа приведени пет лица. Во оваа критична ситуација не направивме метеж на аеродромот. Бугарските безбедносни служби и обвинителството покажуваат дека се доверлив партнер и можете да се потпрете на нивните професионални постапки“, изјави шефот на ДАНС.