Бугарската делегација предводена од бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, пристигна во црквата „Св. Спас“ на чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Во секој момент се очекува да пристигнат и бугарските граѓани кои утринава со автомобили тргнаа кон Скопје.
Како што информираа од МВР, отстранет е дефектот на системот на сите гранични премини и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава.
Од утринава неколку часа беше во прекин протокот на возила на граничните премини поради пад на системот. Поради тоа, на бугарските државјани кои денеска тргнаа кон Скопје да се поклонат на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев им беше оневозможен влез во Македонија.
Ова предизвика тензии и расправии на граничниот премин „Деве Баир“ каде што бугарски државјани, поради неможноста да ја преминат границата, упатуваа навреди и недолично се однесуваа кон македонската гранична полиција.