Во Кочани пристигна првата пратка компресивни костуми за преживеаните од Пулс

Првата пратка на компресивни костуми за повредените од Пулс денеска пристигна во Кочани. Помошта е испратена од бугарската компанија „Хелт2000“, специјализирана за медицински помагала, со поддршка од медицински стручњаци од Бугарија, Германија и Холандија.

Оваа специјализирана облека е наменета за преживеаните со тешки изгореници и трансплантирана кожа по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Нејзината улога е од суштинско значење во рехабилитацијата, намалувањето на болката и спречувањето на трајни оштетувања.

Стручна обука и донации вредни над 900.000 денари

Со облеката пристигнаа и експерти од „Јузо“, меѓународна компанија за медицинска компресија, кои одржаа обука за правилна употреба на облеката. Обуката е наменета за повредените и нивните медицински тимови.

Организацијата „Сапорт Кочани“ ја покри целосната вредност на првата пратка – 923.458 денари, благодарение на донации од граѓани и компании.

Обезбедена е и втора тура компресивна облека

Од организацијата информираат дека се обезбедени средства и за втора тура компресивна облека. Изразија јавна благодарност до сите поддржувачи и до медицинските тимови што ја олеснуваат рехабилитацијата на повредените млади лица.

„Кочани не заборава и не е сам“, порачаа од „Сапорт Кочани“, нагласувајќи дека борбата за закрепнување продолжува со заедничка поддршка.

Извор: Plusinfo