Бугарската партија „Има таков народ“ ќе побара затворена седница на Парламентот за Македонија, на која министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска „ќе изнесе информации“ и ќе ги претстави тајните стенограми за водени разговори за таа тема, изјави претседателот на парламентарната група Тошко Јорданов на прес-конференција, откако се обзнани дека шест пратеници од нивната партија се изјаснија за независни.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Јорданов, партијата „Продолжуваме со промената“ се обидува да го измести фокусот од ветото за Македонија.
Тој рече дека станувало збор за таен стенограм, во кој премиерот на Бугарија Кирил Петков пред некои еврокомесари разговарал што планира да прави за оваа тема, прашувајќи дали тоа не е национално предавство и ако не е, што ги спречува да одржат затворена седница.
Јорданов рече дека се собрани потребните 48 потписи за одржување затворена седница оваа недела, но претседателот на Парламентот Никола Минчев го одбил тоа.