Бугарија со обвинувања за „прекумерно влијание“ од македонската влада врз известувачот на ЕУ
Сите 17 бугарски европратеници испратија писмо со кое остро го осудуваат австрискиот европратеник Томас Вајц од Партијата на зелените, кој е автор на најновиот извештај за напредокот на Македонија. Во документот, за прв пат на јасен начин се користат термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, што предизвика остра реакција од Софија.
Томас Вајц: Нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик
Бугарските европратеници, повикувајќи се на наводи пренесени од БГНЕС, тврдат дека македонската влада извршила силно влијание врз Вајц при изготвувањето на извештајот, и дека тој целосно ги игнорирал, како што велат, „сериозните случаи на насилство врз Бугарите во земјата“.
„Цел сум на напади затоа што не се покорив на бугарскиот притисок“
„За мене е сосема вообичаена практика да се среќавам со претставници на земјата за која го изработувам извештајот – во случајов Македонија. Немам причина да разговарам со политичари од нејзините соседи, бидејќи тие не се предмет на анализата. Причината поради која сум изложен на напади е едноставна – не подлегнав на бугарските барања“, изјави Вајц за „Политико“.
Тој му покажал на новинар од медиумот неколку заканувачки пораки, кои ги добил откако неговиот телефонски број бил јавно објавен на профили со екстремно десничарски содржини од Бугарија.
Спорот продолжува: Идентитетот, јазикот и реформите под лупа
Најголемата забелешка на бугарската страна е тоа што во извештајот се признава посебен македонски идентитет, без придавката „нов“, на која тие инсистираат да биде вклучена. Покрај тоа, тие ги нагласуваат правата на Бугарите во Македонија, нивната заштита од говор на омраза и злосторства од омраза, како и потребата од уставни измени и образовни реформи како услов за напредокот на Македонија кон ЕУ.
Канцеларијата на Вајц ги демантираше обвинувањата за некаква соработка со македонската влада и појасни:
„Се среќаваме со официјални претставници од земјата која е предмет на извештајот, а не со нејзините соседи. Тоа е стандардна процедура.“
Обид за влијание и врз претседателката на Европарламентот?
Според информациите на „Политико“, непосредно пред гласањето за извештајот, бугарскиот премиер наводно се обидел да оствари контакт и со Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, во обид да изврши притисок. Но, портпаролите на Мецола и бугарската влада не одговориле на барањата на новинарите за потврда на повикот.
„Бугарија долги години ја обвинува Македонија за прикривање на заедничката историја и негирање на бугарските корени на македонскиот јазик и идентитет“, пишува „Политико“.
Извор: СкопјеИнфо